Амбасадата на Италија во Северна Македонија, во соработка со Музејот на македонската борба за самостојност, денеска во 17 часот во „Порта Македонија“ во Скопје организира предавање и изложба посветени на историските и културните врски во периодот меѓу двете светски војни. Во рамките на програмата, историчарот проф. Фабио Котифава ќе одржи предавање на темата „Италијанската експедиција на Македонскиот фронт во Големата војна: човечката димензија на конфликтот“. Предавањето ќе понуди нови согледувања за улогата на италијанските сили на Македонскиот фронт и за човечките судбини обликувани од воениот конфликт.

По предавањето ќе биде отворена изложбата „Од другата страна на фронтот“, чии автори се Даниела Николова, кустос-советничка, и Даниела Митевска, кустос од НУ Музеј на македонската борба за самостојност. Изложбата претставува избор на репродукции од делата на италијанскиот сликар Алфонсо Коради (1869–1957), кој престојувал во земјата за време на Првата светска војна. Преку неговите цртежи, слики и поштенски картички се документирани македонските предели, населби и секојдневниот живот во годините на воениот конфликт, оставајќи драгоцено визуелно сведоштво за еден значаен период од историјата на земјата и заедничко историско наследство што ги поврзува Италија и Македонија.