На годинашниот конкурс за наградата „Браќа Миладиновци“ во 2026 година, организиран од „Струшки вечери на поезијата“ (СВП), се пријавија 35 автори, со вкупно 37 поетски книги објавени меѓу две фестивалски изданија. Комисијата едногласно ја утврди листата со потесниот избор од пет поетски книги во конкуренција за наградата: „Меко трње“ од Марија Ангеловска (Скопје: „ПНВ Публикации“, 2026), „Во куќата“ од Николина Андова Шопова (Скопје: „Бегемот“, 2026), „Длабок простор“ од Зоран Анчевски (Скопје: „Арс Ламина“, 2026), „Првата ноќ и вториот рај“ од Сузана В. Спасовска (Скопје: „Слово“, 2026) и „Болна земја“ од Братислав Ташковски (Скопје: „Матица македонска“, 2026).
Комисијата, во согласност со правилникот за наградата, продолжува да работи во тајност до донесувањето на конечната одлука. Поетите од потесниот избор ќе имаат свое претставување на одделен настан на фестивалот, пред официјалното соопштување на добитникот на 26 јуни. Наградената книга, покрај паричната награда, добива и објавување на книгата во превод на англиски јазик, промоција и портрет на следното издание на „Струшки вечери на поезијата“.
Фестивалот ќе започне на 24 јуни, со традиционалното засадување дрво во Паркот на поезијата од страна на годинашниот добитник на наградата „Златен венец“ на СВП, Анеке Брасинга од Холандија. Годинава фестивалот ќе се одржи под фестивалското мото „Каде што живее поезијата“, кое е сообразено и со целокупниот визуелен концепт подготвен од креативниот тим на СВП, преку кој се посочува на кревкоста на традицијата и културата, но и на нејзината особеност и трајноста на зборот.


































