Фото: МВР

Министерството за внатрешни работи доби нови возила и специјализирана опрема наменети за зајакнување на капацитетите во борбата против криумчарењето мигранти и трговијата со луѓе, во рамки на регионалниот ИПА проект „EU4FAST“.

На церемонијата за примопредавање, министерот Панче Тошковски истакна дека поддршката од Европска Унија претставува значаен придонес за модернизација на полициските служби и унапредување на нивната оперативна ефикасност.

Во рамки на донацијата беа предадени 30 уреди за проверка на документи, два детектори за срцебиење за откривање лица во скриени простори, седум возила – четири теренски и три комбиња – како и пет видео камери. Опремата е наменета за потребите на Граничната полиција и Националната единица за борба против криумчарење мигранти и трговија со луѓе.

Тошковски нагласи дека безбедносните предизвици денес имаат транснационален карактер, поради што е неопходна силна меѓународна соработка и координиран одговор на институциите.

 – Нашите граници се дел од европската безбедносна архитектура, а секоја инвестиција во модернизацијата на службите претставува инвестиција во стабилноста и безбедноста на целиот европски простор – истакна министерот.

Тој посочи дека проектот EU4FAST претставува пример за успешна соработка меѓу земјите од регионот и европските партнери преку обуки, размена на информации и заеднички активности на терен.

Според Тошковски, новата опрема и возилата веднаш ќе бидат ставени во употреба, со што ќе се подобрат мобилноста и ефикасноста на полициските единици во откривањето и сузбивањето на криумчарењето мигранти и трговијата со луѓе.

Проектот EU4FAST е насочен кон јакнење на превенцијата, истрагите, кривичното гонење и заштитата на жртвите на овие форми на организиран криминал. Тој е кофинансиран од Европската Унија, германски, италијански и холандски институции, а го спроведува конзорциум предводен од Германско друштво за меѓународна соработка (GIZ).