Фото: МВР/илустрација

Во текот на изминатото деноноќие, полициски службеници на територијата на целата држава лишиле од слобода 21 возач поради безобѕирно управување со моторно возило, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Од приведените, 13 лица управувале возило без возачка дозвола, седуммина биле под дејство на алкохол, а еден возач управувал возило и покрај изречена забрана за возење.

Според информациите од МВР, од 13-те возачи затекнати без возачка дозвола, петмина се од Скопје, двајца од тетовскиот регион, а по еден од Македонска Каменица, Куманово, Гостивар, Кичево, Дебар и Битола.

Кај седуммина возачи било утврдено дека управувале под дејство на алкохол. Тројца од нив се приведени во Скопје, а по еден во Свети Николе, Куманово, Тетово и Велес.

Дополнително, во Кичево бил приведен возач кој управувал возило иако имал активна забрана за управување.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

Воедно, МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит, доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или се под дејство на алкохол, со цел заеднички да се придонесе кон поголема безбедност во сообраќајот.