Архива / Фото: Фонд за здравствено осигурување

Вештачки колкови чекаат над 650 пациенти, во три главни јавни здравствени установи има значителен пораст на бројот на интервенциите, а пристапот до операции за замена на колк и колено значително се подобрува, изјави денеска на брифингот со новинарите генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.

Тој истакна дека има значителен пораст на операциите на колк и колено. Вкупно 4.044 интервенции имало во 2025 година. За 9,9 проценти имало пораст за периодот 2023 – 2025 година. Се работело за 14 опфатени јавни здравствени установи. Клековски истакна дека земјава е солидна во замена на колкови, но во однос на интервенции на замена на колена сè уште заостанува зад регионот.

– Овие бројки потврдуваат дека пристапот до операции за замена на колк и колено значително се подобрува. Следува отворање на оперативните блокови на Клиничкиот центар и во ГОБ „8 Септември“ и понатамошен развој на коленската артропластика – нагласи Клековски, пренесува МИА.

Тој се осврна и на неколкуте препораки. Така, покрај отворање на оперативните блокови на Клиничкиот центар и во ГОБ „8 Септември“, се препорачува континуиран синџир на снабдување, тендери да се распишуваат најмалку четири месеци пред истекот на договорот, групна/рамковна набавка за управување со набавки и резерви наспроти листите на чекање, стандардизација на клиничките патеки, намалување на варијациите во просечниот болнички престој мегу установите, централизиран регистар на чекање со максимален рок за неитни интервенции – препорака: до три месеци.

– Да, точно е, листите на чекање се такви какви што се, меѓу другото, во „8 Септември“ и на Клинички, затоа што поединци сакаат да се оперираат кај одреден хирург, а не кај некого кај кого можеби има слободен термин – одговори Клековски на новинарско прашање.

Клековски нагласи дека во анализата не се вклучени пациенти од приватните здравствени установи во државата.