UN Security Council
Фото :ЕПА

Генералното собрание на Обединетите нации ги избра Австрија, Киргистан, Португалија, Тринидад и Тобаго и Зимбабве за нови непостојани членки на Советот за безбедност на ОН. Нивниот двегодишен мандат ќе започне на 1 јануари 2027 година.

Најголемо внимание привлече изборот во групата на западноевропските и други држави, каде Германија не успеа да обезбеди место и покрај интензивната дипломатска кампања. Португалија освои 134 гласа, Австрија 131, додека Германија доби поддршка од 104 земји-членки.

Во азиско-пацифичката група, трката меѓу Филипините и Киргистан се решаваше во четири круга гласање. На крајот, Киргистан обезбеди 142 гласа и за првпат во својата историја ќе биде член на Советот за безбедност, додека Филипините добија 49 гласа.

Советот за безбедност е најмоќното тело во системот на Обединетите нации и единствено има овластување да носи правно обврзувачки одлуки, вклучително и воведување санкции и одобрување употреба на сила.

Покрај петте постојани членки со право на вето – Велика Британија, Кина, Франција, Русија и САД – Советот има уште десет непостојани членки кои се избираат со ограничен мандат.

Со новиот состав, Зимбабве ќе ја замени Сомалија, Тринидад и Тобаго ќе ја наследи Панама, Португалија и Австрија ќе ги заменат Данска и Грција, додека Киргистан ќе го заземе местото на Пакистан.

До крајот на 2027 година како непостојани членки ќе продолжат да членуваат Бахреин, Колумбија, Демократска Република Конго, Летонија и Либерија.