Фoto:: Царинска управа

Поранешниот директор на Царинската управа, Стефан Богоев, попладнево беше спроведен во Основниот кривичен суд во Скопје, каде треба да биде изведен пред судија на претходна постапка по барањето на Обвинителството за определување мерка притвор.

Покрај Богоев, истрагата опфаќа уште три лица – поранешен помошник-директор на Царинската управа, управител на приватна компанија и вработен во истата фирма. Тие се осомничени за злоупотреба на постапка за јавна набавка, како и за примање и давање награда за противзаконито влијание.

Според Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, постои основано сомнение дека во периодот од јули 2023 до март 2024 година осомничените ја изиграле постапката за доделување договор за јавна набавка за надворешно одржување на хигиената на гранични премини и терминали.

Обвинителството тврди дека преку фаворизирање на одреден економски оператор и ограничување на конкуренцијата му овозможиле на правниот субјект да стекне противправна имотна корист во износ од 18.479.692 денари.

Според истрагата, првоосомничениот, во својство на директор на Царинската управа, ја искористил службената положба и влијание за да влијае врз тендерската постапка во корист на избраниот понудувач. Второосомничениот, како помошник-директор, наводно влијаел врз други економски оператори да не учествуваат во завршната фаза од постапката.

Обвинителството наведува дека се обезбедени докази и за примање и давање награда за противзаконито влијание, при што првоосомничениот наводно примил 111.600 денари како награда за искористување на службената положба и влијание.

Кривичната пријава до Обвинителството ја поднесе Управата за финансиска полиција, која претходно спроведе акција и обезбеди докази во рамки на предистражната постапка.

Од Обвинителството информираат дека поради опасност од влијание врз постапката и обезбедување непречено водење на истрагата, до судот е доставен предлог за определување мерка притвор за сите четворица осомничени.