Фото: Ка.М

Основното училиште „Кочо Рацин“ од Прилеп денеска и утре е домаќин на манифестацијата „Кога зборува Рацин, зборува Македонија“, со кој се оживува Рациновото дело, а на кој учествуваат четири основни училишта од Македонија, кои го носат името на великанот.

Фото: Ка.М

Манифестацијата, поддржана од Општина Прилеп, носи бројни активности и свечености. Настанот започна со полагање цвеќе на Могилата на непобедените, програма и посета на Меморијалниот музеј 11-ти Октомври, каде учениците се запознаа со македонската историја.

Попладнево ќе се одржат тимски активности, а од 18:30 часот е театарска претстава на учениците од петто одделение од ОУ „Кочо Рацин“ во ЦК „Марко Цепенков“.

– Манифестацијата е завршна смотра на нашето училиште. Иницијативата започна минатата година во Дојран, за да продолжи годинава во Прилеп. Го продолжуваме делото на големиот великан. Два дена ќе реализираме многу активности. Целта е децата да сфатат дека на училиште не се здобиваат само со знаење, дека треба да се дружат, да создаваат емпатија и да имаат вештини кои ќе треба да ги употребат во реалниот живот – вели Габриела Темелкоска, координатор на проектот од ОУ „Кочо Рацин“ – Прилеп.

Утре, во рамките на манифестацијата, ќе се одржат посети на Музејот за тутун, манастирот Св. Архангел Михаил, сити рул тури низ Прилеп, а вечерта е свеченото затворање на манифестацијата со културно-забавната програма посветена на Рацин.