Изложба на Милан Андов во „Мала станица“

Изложбата со наслов „Дехуманизација: Истражување на кревкоста на човештвото“ на академскиот уметник Милан Андов ќе биде поставена до 28 јуни во мултимедијалниот центар „Мала станица“.
Дехуманизацијата, како процес на преиспитување, анализирање, како наше лично искуство, е присутна со години во творештвото на Милан Андов, па оттаму потекнува и овој циклус на дела преточен во изложба. Токму ова е темата што го преокупира интересот на Андов повеќе од две децении. Тој смело ја проблематизира „грижата“ т.е. негрижата кон севкупното живеење на човекот. Се чини дека таа воопшто и не постои. Напротив, во истиот момент кога тој ќе нема што да понуди, ќе биде отфрлен и заборавен на маргините на општеството. Во таквата тешка состојба човекот станува општествен товар за кој никој нема интерес. Брутално искрен во експресивното претставување на физичката, но уште повеќе на духовната состојба на насликаниот лик, Андов нѐ насочува кон размисла за секојдневието, кое го разобличува, дополнува таа.
– Основен мотив во сликарството на Милан Андов е човечката фигура, како машка така и женска. Фигурите се сместени во празен, оголен, недефиниран простор (може да биде кој било), но авторот е многу повеќе окупиран со анализа на самото тело. Фигурите како да се сместени во тој празен простор по измачување, разобличување, черечење. Вака раскинатото тело станува лајтмотив во неговите слики. Спонтано, со брзи потези ја нанесува бојата со четка на платно. Масло или комбинирано масло и акрилик на платно се основните техники што ги користи во сликарството. Под тензијата на внатрешните чувства, ликовите стануваат деформирани, дисторзирани, а нивната експресивност кулминира во очите ококорени со нереален стаклест сјај, опишувајќи го внатрешниот немир – пишува кураторката Александра Зиновски-Вилиќ.
Еден од главните пристапи преку кои Андов ја прикажува дехуманизацијата на човекот е претставувањето на изобличените тела, кои ги губат својата форма и идентитет, што ги симболизираат внатрешната болка, немирот, стравот. Телото, како резултат на немирот, го губи својот „нормален“ изглед и се трансформира во една човеколика форма, која кај набљудувачот предизвикува измешани емоции. Фигурите се поставени во недефиниран простор (кој авторот го решава со боени плохи и на тој начин ги поместува во преден план), тие лебдат и се извиваат, едно тело се дели на две, од едно тело се појавуваат повеќе екстремитети, главата се одделува од телото. Пренапрегнатата мускулатура дополнително ја зголемува перцепцијата на агонијата во која се наоѓаат претставените ликови и сугерираат распаѓање на човековото тело и на неговата душа.
Андов е сликар што одлично ја познава анатомијата на човековото тело, што особено успешно го користи во сликањето на своите ликови. Со пренагласување на мускулатурата, а не со анатомска прецизност, создава надреална, трансформирана, оддалечена трансцендентална реалност во која се наоѓаат ликовите со силно изразени емоции, духовно растројство, безизлезност.
За да ги разбереме делата на Андов, треба прво да го разбереме контекстот, а тоа е состојбата на времето и општеството во кое живееме.