Најголемиот број битолчани Новата 2019 година ја дочекаа во своите домови и на плоштадот „Магнолија”, а полни беа и битолските ресторани, кои организираа дочек на Новата година.

На плоштадот „Магнолија” во Битола, синоќа во весела и топла атмосфера, илјадници битолчани ја дочекаа Новата 2019 година, со желби за добро здравје и многу успеси.
По масовното одбројување, точно на полнок, со голем огномет беше означен влезот во Новата година, а атмосферата ја надополни и Дедо Мраз, по што беше прочитана новогодишната честитка од градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, која ја дочека Новата година заедно со своите сограѓани на плоштадот „Магнолија”.

-Нека 2019 биде година во која здравјето нема да ве оптоварува, година во која вашите желби ќе станат реалност, година во која вашите лица ќе ги греат насмевки, 2019 нека е година во која ќе се исполнат вашите копнежи и ќе отворат простор за нови, им посака градоначалничката Наташа Петровска на своите сограѓани.
Забавата кулминираше со песната „Ако одам во Битола” кога се развиори заедничко оро.


За убавото расположение придонесе и перформансот „Кафана на Широк Сокак”, во изведба на групата Боеми, заедно со актерките Илина Чоревска, Викторија Степановска-Јанкуловска, Маја Андоновска-Илиевски, Соња Ошавкова и Маријан Ѓорѓиевски, кои пееја и читаа интересни факти за Битола и битолчани низ времето.
Новогодишната атмосфера, беше надополнета и со варено вино, кое се служеше на поставените штандови.

Претходно, на плоштадот „Магнолија”, во богатата музичка програма која започна во 20 часот, настапија ди-џеј Христијан Ѓаковски, Сефедин Бајрамов и Силви Бенд.

M.M.