Фото: МЕРМС

Секторската работна група за енергетика одржа состанок во Владата, на кој беше оценето дека енергетската транзиција во земјава веќе не е само стратешка определба, туку процес што активно се спроведува со конкретни резултати и јасно дефинирани цели.

На средбата присуствуваа претставници на Делегацијата на Европската Унија, УНДП, Светска банка, дипломатски претставништва, домашни институции и меѓународни финансиски организации. Фокусот беше ставен на забрзување на реформите, подобра координација со донаторите и утврдување на следните приоритети во спроведувањето на енергетските политики.

Како приоритети беа издвоени финализирањето на законската рамка, инвестициите во обновливи извори на енергија и мрежната инфраструктура, дигитализацијата, енергетската ефикасност и поефикасното следење на реформите.

Министерката за енергетика Сања Божиновска истакна дека државата влегува во нова фаза – фаза на имплементација и резултати. Таа нагласи дека со новите закони, инвестициите и меѓународната соработка се создава основа за стабилен, одржлив и европски усогласен енергетски систем.

Посебен акцент беше ставен на Интегрираниот национален план за енергија и клима 2025–2030, кој треба да ја води декарбонизацијата, енергетската ефикасност и интеграцијата во европскиот пазар. Во тек е и воспоставување систем за следење и известување за неговата реализација.

Во рамки на праведната транзиција, беше посочено дека веќе се реализираат конкретни активности преку годишниот план за 2026 година, со фокус на инвестиции, нови работни места и поддршка за заедниците погодени од енергетските промени.

Министерството информираше и за тековни проекти, меѓу кои инвестиции во соларни и ветерни капацитети, напредок во гасните интерконектори со Грција и Србија, програми за енергетска ефикасност и мерки за справување со енергетската сиромаштија.

Учесниците го поздравија напредокот и повикаа на уште посилна соработка за постигнување на заедничките цели – енергетска безбедност, одржливост и интеграција во европскиот енергетски систем.