Mickoski
Фото: МИА

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека во рамки на Европска Унија се водат разговори за надминување на метежот предизвикан од примената на ЕЕС-системот за влез во земјите членки.

Тој посочи дека Владата внимателно ја следи состојбата, особено по зголемените гужви на граничните премини, но предупреди дека доколку проблемот не се реши навреме, тоа може да создаде дополнителни потешкотии за време на летната сезона.

Како алтернатива, Мицкоски предложи граѓаните да ги искористат туристичките потенцијали во земјата, нагласувајќи дека Македонија располага со бројни атрактивни дестинации за одмор.

– Јас не би коментирал премногу за тој начин на однесување. Имаме одредени разговари во рамките на ЕУ како би се надминало тоа. Но, ако претствуваат проблем летните годишни одмори, имаме прекрасни езера, планини, имаме прекрасни места во Македонија. Јас ги повикувам македонските граѓани своите летни годишни одмори да ги поминат на македонските планини и езера, во македонските села, затоа што имаме прекрасна земја и самите треба да си ја чуваме затоа што втора резервна татковина немаме – рече Мицкоски.

Прашањето со ЕЕС-системот стана особено актуелно откако од 1 април започна неговата целосна примена, по што за време на празниците се формираа долги колони на македонско-грчката граница, каде што чекањето достигнуваше и по неколку часа.