Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска се обрати на бизнис конференцијата за сајбер безбедност организирана од Македонски Телеком, посветена на новата регулатива за безбедност на мрежни и информациски системи и предизвиците во заштитата на дигиталната инфраструктура, пренесе МИА.
Тој нагласи дека сајбер безбедноста повеќе не може да се третира како чисто техничко прашање, туку претставува клучен елемент за отпорноста на државата и стабилноста на економијата. Според него, во услови на целосна дигитализација, секој сајбер инцидент може да има системски последици врз повеќе сектори истовремено.
Андоновски посочи дека новиот Закон за безбедност на мрежни и информациски системи, усогласен со европската NIS2 директива, воведува системски пристап кон сајбер безбедноста, со јасно дефинирани одговорности и координирано делување меѓу државниот и приватниот сектор. Тој истакна дека целта на законот не е само усогласување со ЕУ регулативата, туку суштинска институционална реформа.
Министерот нагласи дека новиот пристап го заменува досегашниот фрагментиран модел со систем на управување со ризици и континуитет на работењето, при што организациите се обврзани да преминат од реактивно кон проактивно делување во заштитата од сајбер закани.
Посебен акцент стави на улогата на приватниот сектор, кој, како што рече, управува со најголем дел од критичната дигитална инфраструктура. Според него, новата регулатива го третира приватниот сектор како партнер во системот на безбедност, а не само како објект на контрола.
Андоновски предупреди дека сериозни сајбер напади можат да предизвикаат прекини во работењето, финансиски штети и губење на довербата, поради што сајбер безбедноста треба да се гледа како основа за одржлив економски развој.
Тој најави дека Министерството работи на зајакнување на националните капацитети, вклучително и воспоставување на Владин центар за одговор на сајбер инциденти (GOV-CSIRT), како и подобрување на системите за мониторинг и институционална интероперабилност.
Според него, успешноста на реформата нема да се мери само преку законските решенија, туку преку нивната практична примена и ефективноста на системот во реални услови.
Министерот додаде дека сајбер безбедноста отвора и можности за развој на ИТ секторот, иновации и нови инвестиции, особено во областа на напредни безбедносни решенија.
Заклучно, Андоновски истакна дека без безбедни дигитални системи нема доверба, а без доверба нема економски раст, поради што оваа реформа има истовремено безбедносен, економски и институционален карактер.
На конференцијата учествуваа претставници од институциите, приватниот сектор и меѓународни експерти, кои дискутираа за актуелните закани и трендови во сајбер безбедноста.

































