Претседателот на Собранието, Африм Гаши, порача дека процесот на проширување на Европската Унија мора да остане заснован на заслуги, без да биде оптоварен од краткорочни политички интереси. Тој истакна дека доколку правилата и стандардите се исти за сите, тогаш и третманот кон земјите треба да биде еднаков.
Говорејќи на меѓународната конференција „Западен Балкан во вртлогот на новата геополитика на безбедноста“ во Љубљана, во рамки на „Третиот меѓународен состанок на пријателите на Западен Балкан“, организиран од Nizami Ganjavi International Center, Гаши нагласи дека земјите од регионот во многу аспекти се подобро подготвени од некои држави кои претходно станале членки на Унијата.
Според него, оваа реалност треба да биде препознаена во европските политички одлуки, со пофер и пообјективен пристап. Тој оцени дека Западен Балкан не треба да се гледа како периферија што чека, туку како дел од Европа што природно се надополнува.
Гаши се залага за побрза интеграција на сите шест земји од Западен Балкан како единствен пакет, посочувајќи дека тоа би придонело за побрза консолидација на демократските стандарди, владеењето на правото и решавањето на билатералните спорови. Според него, европската историја покажала дека интеграцијата е најефикасен инструмент за стабилност и помирување.
Тој потсети дека Северна Македонија уште од независноста во 1991 година има јасна стратешка определба за евроатлантска интеграција, која претставува континуиран општествен и институционален консензус.
Гаши нагласи дека патот кон ЕУ не бил едноставен и бил обележан со бројни предизвици, меѓу кои и билатерални спорови што влијаеле врз динамиката на процесот. Сепак, државата, како што рече, избрала дијалог и компромис наместо конфликт и застој.
Во тој контекст, тој го спомена и Преспанскиот договор со Грција како пример за политичка храброст и одговорност, но и тековните напори за надминување на разликите со Бугарија. Според него, останува отворено прашањето дали ваквите компромиси навистина се вреднуваат во процесот на интеграција.
Претседателот на Собранието предупреди на постоење на „замор од проширување“ во ЕУ, но и „замор од стагнација“ кај земјите-кандидати, што создава ризик од долгорочна неизвесност и губење на доверба во европскиот проект.
Тој оцени дека проширувањето не е само технички процес, туку политички договор базиран на доверба, кој бара одговорност од двете страни – и од ЕУ и од земјите кандидати.
Гаши посочи и дека Западен Балкан не смее да остане „сива зона“ во услови на зголемени глобални геополитички влијанија, нагласувајќи дека стабилноста на Европа е директно поврзана со интеграцијата на регионот.
На крајот, тој истакна дека реформите во земјите-кандидати не можат да опстанат без кредибилен европски процес, бидејќи напорот мора да биде препознаен и вреднуван.
































