Одбраната на првообвинетиот за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, сопственикот Дејан Јованов Деко, пред почетокот на денешното рочиште во судницата во КПУ „Идризово“ достави дополнителна медицинска документација за неговата здравствена состојба и побара укинување на притворот, односно негова замена со куќен притвор, пренесе МИА.
На ваквиот предлог реагираа дел од родителите на загинатите кои го следат судењето, изразувајќи незадоволство во судницата.
Адвокатката на Јованов, Ивана Коцевска, побара од судот да ја земе предвид, како што рече, сериозно влошената здравствена состојба на обвинетиот и да донесе одлука со „човечност и хуманост“. Таа нагласи дека секој во слична состојба, според неа, не би требало да остане во притвор.
Обвинителството соопшти дека ќе даде писмено мислење по доставената медицинска документација, а на усно барање се изјасни негативно, повикувајќи се на мислењето на затворскиот лекар дека потребната терапија може да се обезбеди и во притворски услови.
Слични барања за укинување на мерката притвор поради здравствени причини поднесоа и одбраните на обвинетите Беким Хаџиу и Тодор Јованов.
Дополнително, одбраната на Шабан Салиу информираше дека е поднесен писмен предлог за укинување на една од изречените мерки за претпазливост.


































