Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Куманово во текот на вчерашниот ден интервенирала на два пожари на отворен простор, пренесе МИА.
Првата интервенција била во селото Ваксинце, каде од 15.15 до 23.40 часот со едно противпожарно возило и четворица пожарникари се гаснел пожар кој зафатил борова и ниска дабова шума. Од Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) Куманово информираат дека во гаснењето биле вклучени и екипи од Шумско стопанство Куманово со четворица шумари од 13.20 часот.
Пожарот бил локализиран во 19.53 часот, а според првичните проценки опожарени се околу 10 хектари, при што најголем дел е борова шума стара околу 40 години.
Втората интервенција се одвивала во атарот на селото Арбанашко, каде пожарникарите од ТППЕ Старо Нагоричане гаснеле пожар од 13.00 до 02.15 часот со три возила и девет пожарникари. Огнот зафатил површина од околу 10 хектари, со опожарени суви дрва од бука, смрека и друга дрвна маса на државно земјиште.
Во интервенцијата се вклучиле и пожарникари од ТППЕ Куманово од 17.00 до 23.55 часот со едно возило и четворица пожарникари, кои гаснеле претходно исечена бука и гранки.
Поради непристапниот и тежок терен, дел од пожарот се гаснел рачно со грбни пумпи. Иако пожарот е ставен под контрола, тој сè уште е активен, а на одредени места гори буково дрво со поголем обем, за што ќе биде потребно дополнително време за целосно гаснење.
Во интервенциите учествувале и двајца вработени од Шумско стопанство Куманово со едно возило.

































