Фото: Влада

Министерката за образование и наука Весна Јаневска информира дека е запознаена со случајот на врсничко насилство во училиште во Ѓорче Петров и дека институциите веќе постапуваат.

Таа посочи дека училиштето го пријавило случајот во полиција и во социјалните служби, како и дека презело сопствени мерки.

– Сите надлежни институции можат да постапуваат согласно процедурите, но без соработка од родителите не може да се постигне целосен успех. Клучна е нивната улога – изјави Јаневска, апелирајќи родителите да поминуваат повеќе време со своите деца.

Министерката додаде дека се подготвуваат нови упатства и прирачници за справување со вакви ситуации, како и проект поврзан со семејно насилство, бидејќи, како што рече, ваквите појави често произлегуваат од средината во која растат децата.

Во однос на новиот закон за високо образование, Јаневска оцени дека академската заедница веќе покажува раздвижување, а првите резултати од реформите се очекуваат за три до четири години.

– Најголемите ефекти ќе се почувствуваат по околу осум години, кога очекуваме да се најдеме меѓу првите 1.000 универзитети на Шангајска листа – изјави таа.

Според неа, новите критериуми ќе бараат поголема ангажираност од професорите, особено во делот на менторство, научно-истражувачка работа и учество во меѓународни проекти.

Јаневска информираше и дека се зајакнати контролите по утврдените нерегуларности при упис на магистерски и докторски студии на Филозофскиот факултет и на еден приватен универзитет.

Како што рече, по спроведените вонредни надзори од Државниот просветен инспекторат и Агенцијата за квалитет, двата случаи се завршени и ќе бидат пријавени во Јавното обвинителство.