Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека нема ништо против да се ограничи можноста пратениците да поседуваат двојно државјанство, доколку тоа е во согласност со Уставот и законите, пренесе МИА.
Тој додаде дека поддржува ограничувањето да се прошири и на извршната власт, како и на претседателот на државата, доколку правно-уставните експерти оценат дека за тоа нема пречки.
-Јас немам двојно државјанство, ниту пак имам намера да имам друго државјанство. Моето државјанство е македонско – изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање по увидот во реконструкцијата на Универзална сала.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која е професорка по уставно право, денеска изјави дека со закон може да се ограничи двојното државјанство, но таквото решение да не важи само за пратениците, туку и за министрите и претседателот на државата.
Неодамна во Собранието на Македонија, пратениците од владејачката коалиција поднесоа предлог-закон со кој пратениците не би можеле да имаат двојно државјанство.
Потоа, СДСМ поднесе свој предлог, со кој се бара ограничувањето да се прошири и на министрите и вицепремиерите и да стапи во сила веднаш.

































