Завршува потрагата по нови лица од независната уметничка и креативна сцена. Културниот центар „Лабораториум“ ги повика сите млади што создаваат и се стремат да се развијат и афирмираат, да ѝ се приклучат на иницијативата „Градски ѕид – за нови лица на македонската културна сцена“, која до крајот на годината ќе поддржи артисти од повеќе сфери: музичари, сликари, вајари, поети, писатели, аниматори, актери, режисери, филмаџии, танчари, фотографи, дизајнери – графички и модни… од 18 до 25 години. Конкурсот заврши вчера, а во наредниот период „Лабораториум“ ќе им обезбеди на осум македонски артисти од целата држава стручен ментор, комплетна поддршка и логистика за реализација на нивните проекти, кои ќе ѝ бидат претставени на пошироката јавност. Осумте одбрани артисти ќе добијат и авторски хонорар за својот ангажман.
Изборот на учесници ќе го врши стручен тим, составен од докажани културни работници, професори, уметници и професионалци, кои ќе ги одберат најдобрите млади артисти и креативци. Секој од нив ќе добие свој ментор, кој во текот на еден месец ќе го води, ќе го координира и ќе го надгледува креативниот процес на младиот уметник, притоа нудејќи совети, практични насоки и професионални препораки, сѐ со цел младите автори да се унапредат и да создадат дела што ќе бидат издржани по квалитет, оригиналност и по уметничка релевантност. На крајот од месецот, плодовите од соработката во форма на завршено дело ќе бидат претставени во „Лабораториум“. На крајот на годината, целиот процес ќе се преточи во еден голем настан во „Лабораториум“, каде што сите учесници ќе ги здружат силите и заедно ќе ја претстават својата работа.
Иницијативата „Нови лица“ е активност поддржана во рамките на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од фондот „Хартефакт“.