Изнесени идеи за зачувување на природните богатства на Преспанскиот Регион на панел-дискусија во Ресен
- Управувањето со отпадот посочено како клучен предизвик во настојувањето за зачувување на животната средина во Преспанскиот Регион, за чија реализација се потребни добра координација, конкретни мерки и заедничка одговорност
Со примена на зацртаните планови за одржливо управување со отпад и со издигање на свеста на граѓаните, односно со истовремено вклучување на локалните власти и население, граѓанскиот сектор, индустријата и медиумите, можеме да дојдеме до почиста Преспа, беше порачано на панел-дискусијата „За почиста Преспа: заеднички чекори за подобро управување со отпад“, која се одржа во четвртокот во Ресен.
Подобрувањето на практиката за управување со отпад во земјава е многу значајно од повеќе аспекти, пред сѐ заради заштита на животната средина, но и од финансиска гледна точка. Затоа државата се заложи да се реализираат проекти и да се изградат регионални депонии, кои ќе бидат современи и ќе придонесат за управување со отпадот, негова селекција, рециклирање, со што би се поттикнала и циркуларната економија во земјата. Регионалниот пристап и можностите за поефикасно управување со отпадот се многу значајни, истакна Емил Ангелов, од „Салар интернационал“, кој е имплементатор за реализација на проектот „Одржливо управување на отпадот на локално ниво“.
– Оди тешко и е скапа, комплексна работа. Затоа е идејата за имплементирање на практиките за преземање мерки за справување со отпадот. Со 55 милиони евра се задолжи државата кај Европската банка за обнова и развој и други 20 милиони евра грантови за поголем дел од регионите во земјата да се справат со проблемот. Ние работиме во Југозападниот Регион и се обидуваме да им помогнеме на општините да ги сменат практиките и да се справат со отпадот. Проектот е поддржан од шведската влада, во соработка со Министерствата за животна средина и за локална самоуправа и ЗЕЛС. Работиме на капацитети на планирање, на начинот за справување со отпадот, создавање собирни центри, селекција. Се трудиме да придонесеме за менување на праксите и адаптирање на општините, со што треба да има регионален систем за управување со отпад од сите 18 општини. Системот бара да се смени праксата во општините, да се издигне јавната свест, дури и кај вработените во јавните комунални претпријатија, но и да се поттикне меѓуопштинската соработка. Пелагонискиот Регион е плански регион, но заедно со Југозападниот Регион сите општини треба да се справуваат заедно со отпадот. Во селекцијата на отпадот најнапред е Прилеп. Самата селекција на отпадот е многу важна за тоа што ќе завршува на депониите. Статистички повеќе од 99 проценти депонираме од отпадот што го собираме, а не го собираме целосно. Има уште 30 проценти што завршува на ѓубришта. Депониите се последниот чекор во хиерархијата на отпадот што треба да го реализираме. Ние не сме во фаза каде што можеме да си дозволиме постројки за селекции, затоа што селекцијата на општините е во зачеток – вели Ангелов.
Соочување со сериозни предизвици поврзани со управувањето со отпадот
Во рамките на проектот „За чиста Преспа“ се реализира кампања за подобрување на практиките за управување со отпадот во Преспанскиот Регион. Кампањата е дел од проектот „Поттикнување промени во однесувањето на граѓаните за подобрување на практиките за управување во Преспанскиот Регион“, кој го реализира Институтот за комуникациски студии, во партнерство со МЕД (Македонско еколошко друштво) и Екогерила – Преспа, со финансиска поддршка на Европската Унија. Проектот треба да придонесе за поодговорно и поодржливо управување со отпадот во регионот преку едукација, информирање и поттикнување промени во однесувањето на граѓаните и заедницата, а целта е да се постигнат промени во знаењето и однесувањето на граѓаните за правилното управување со отпадот.
– Иницијативата е важна бидејќи Преспанскиот Регион е еден од највредните со природни богатства, но истовремено се соочува со сериозни предизвици поврзани со отпадот. Несоодветното постапување со комуналниот, земјоделскиот и индустрискиот отпад, недоволната селекција, дивите депонии и ограничената инфраструктура се закана за почвата, водите, природниот екосистем, за квалитетот на животот на локалното население. Токму затоа е потребен поопсежен пристап од сите засегнати – велат од Институтот за комуникациски студии, кој деновиве организираше и панел-дискусија во Ресен на темата „За почиста Преспа – заеднички чекори за подобро управување со отпадот“.
Регионалната депонија е значаен проект за регионот
Најголем проект за Пелагониско-југозападниот Регион, според градоначалникот на Ресен, Јован Тезиевски, е управувањето со отпадот, односно изградбата на регионалната депонија во Новаци, со која не само што ќе се управува со отпадот од 18 општини туку и ќе се заштити животната средина и ќе се издигне свеста на населението за одржливо управување со отпадот.
– За општината е важно не само да ги спроведува тековните проекти туку и тие да станат одржливи и по нивното завршување – вели Тезиевски.
Емил Ангелов од „Салар интернешенл“ посочува дека регионалниот план за управување со отпад за Пелагонискиот и Југозападниот Регион предвидува одредени општини да носат отпад директно во регионалниот центар Новаци, а дел да носат во претоварни станици. При што ќе се формира регионално претпријатие што ќе го врши транспортот од општините до Новаци.
Според Зоран Трајчевски од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), инфраструктурните интервенции со кои Преспа ќе има придобивки за одржлив развој се во тек, посочувајќи ги канализационите системи во пет населени места и пречистителните станици, од кои поголемиот дел се во завршна фаза и со нив ќе имаат корист Преспанско Езеро и населението во регионот.
– Изградбата на канализациската мрежа што се пробива низ повеќе населени места како Брајчино, Царев Двор, Долно Дупени, Крани, изградбата на пречистителните станици, но и обновата на граничниот премин Маркова Нога се во тек. Прво се заштитува биодиверзитетот, второ 1.300 луѓе ќе се приклучат кон канализациска мрежа и трето ќе се подобри квалитетот на водата во Преспанско Езеро – директно или преку подземните води – смета Трајчевски.
Марчел Косентино Русу, директор на ЈКП „Пролетер“ Ресен, вели дека управувањето со отпадот не е едноставно решение, туку комплексна приказна, со што сите граѓани треба да придонесат за правилно управување со отпадот.
– Изминатите години успеавме да ги решиме проблемите со собирање отпад во поголемиот дел од населени места. Останува годинава уште во три. Работиме во делот на селекција, електронски отпад и стакло. Неодамна започнавме со селекција на текстил. Собравме два тона селектиран текстил. Наредна е селекцијата на пластика и лименки, за што граѓаните ќе добија жолти канти. Во 2027 година планираме селекција на органски отпад. Треба да завршиме со реновирање на компостарата. Уште еден проект е собирање и селекција на отпад од пестициди, кој е голем проблем за ваков земјоделски регион. Планираме и селекција на градежен шут. Така што соодветно ќе го третираме отпадот – вели директорот Марчел Косентино Русу.
Според Ајман Ал Мала од Секторот за животна средина на Општина Ресен, многу е важно одржливото депонирање на отпадот за поттикнување заштита на животната средина.
– Значајно е да се применува правилно депонирање на отпадот, а предизвик е воспоставување функционален систем на управување и преработка на отпадот – вели Мала.
Од Институтот за комуникациски студии, организатор на панел-дискусијата, сметаат дека е важно да се поттикнат доброволни промени во знаењето и однесувањето на граѓаните, со фокус на подобрување на практиките за селектирање и правилно фрлање на отпадот.
Каролина Мицевска

































