Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека успешно бил лекуван од рак на простата во рана фаза, пренесува „Гардијан“.
Во објава на социјалните мрежи, објавена заедно со неговиот годишен медицински извештај, Нетанјаху наведе дека за време на рутински преглед бил откриен малиген тумор во рана фаза.
– Проблемот беше отстранет со таргетирана терапија и не остави никакви траги – истакна 76-годишниот премиер.
Според медицинскиот извештај, кој покажува дека премиерот е во добра здравствена состојба, третманот бил спроведен со радиотерапија, но не е прецизирано кога точно се случило лекувањето.
Нетанјаху посочи дека објавувањето на извештајот било одложено за два месеци за да се спречи ширење на „лажна пропаганда“ од страна на Иран.
Во март, за време на конфликтот со Иран, на социјалните мрежи и во иранските медиуми се појавија шпекулации дека Нетанјаху починал, што тој го демантираше со видео од посета на кафуле во Ерусалим.
Нетанјаху и претходно имал здравствени интервенции – во 2024 година бил опериран поради зголемена простата, а во 2023 година му бил вграден пејсмејкер.
Парламентарни избори во Израел се очекува да се одржат во октомври годинава.
































