Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова денеска изјави дека ограничувањата за енергенсите вклучени во новиот, 20-ти пакет санкции на Европската Унија против Русија, ќе имаат тешки последици со оглед на актуелниот светски недостиг на енергетски ресурси, пренесува МИА.
ЕУ вчера го усвои 20-тиот пакет санкции против Русија поради војната во Украина, откако Словачка и Унгарија го повлекоа своето вето по обновувањето на испораките на руска нафта преку нафтоводот „Дружба“ за овие две централноевропски земји.
Според Захарова, новите европски санкции ќе бидат директен удар за земјите во развој, кои веќе не можат да си дозволат купување енергенси по зголемени цени. Таа истакна дека овој санкциски пакет претставува и закана за безбедноста на храната, бидејќи наметнува дополнителни ограничувања за вештачките ѓубрива.
Захарова нагласи дека Русија ќе преземе „цврсти“ соодветни мерки против Европската Унија.
Претходно денеска, државната „Азербејџанска касписка бродска компанија“ (ASCO) соопшти дека пет танкери во сопственост на Азербејџан оваа недела биле исклучени од новиот пакет санкции на ЕУ против Русија.
































