Фото: РФМ

РАКОМЕТ – СВЕТСКО УЧИЛИШНО ПРВЕНСТВО ВО СКОПЈЕ

  • Машката репрезентација ја совлада Република Српска со 27-25, додека женската беше поуспешна од Словачка со 29-13

Машката кадетска репрезентација на Македонија ја запиша и третата победа во групната фаза на Светското првенство (СП) во училиштен ракомет што се одржува во Скопје, а истото тоа го стори и женската кадетска репрезентација на Македонија. Кадетите предводени од селекторот Горан Кузмановски ја совладаа со 27-25 селекцијата на Република Српска, иако на полувремето предноста беше поубедлива за црвено-жолтите, изнесуваше пет гола (15-10). Сепак, финишот на средбата беше неизвесен, а решавачкиот гол со кој победата дефинитивно беше осигурана го реализира Стефан Ѓорѓиевски во последната секунда на натпреварот, кој се одигра во салата „Македонско сонце“.
Денеска е слободен ден, а утре со почеток во 12.30 часот следува дуелот со Саудиска Арабија, меч на кој и освоен бод ќе им биде доволен на македонските ракометари да го освојат првото место во својата група А и со тоа да обезбедат пласман во полуфиналето на СП.
И македонските кадетки беа немилосрдни и ја впишаа третата победа на ова СП, со што го освоија првото место во својата група Ц. Со сигурна игра избраничките на селекторката Даниела Новеска во салата „Крсте Мисирков“ во Гази Баба ја декласираа соодветната селекција на Словачка со високи 29-13, полувреме 11-7. Најпрецизна со седум погодоци кај Македонките беше Рона Мифтари, пет даде Лашкоска, а Ивана Трифуноска имаше четири успешни реализации. Македонија во утрешното четврт-финале ќе игра со подобриот од мечот Бразил-Романија.
Министерот за спорт Борко Ристовски ги посети младите македонски ракометари и ракометарки што настапуваат на Светското училишно првенство во ракомет, кое се одржува во Скопје до 29 април, во организација на Министерството за спорт и Федерацијата за училиштен спорт на Македонија. Во хотелот „Континентал“, каде што е базата на македонските селекции, Ристовски им упати честитки за одличниот старт и им посака да продолжат во ист ритам и во следните натпревари. Притоа тој изрази задоволство од прикажаната игра, енергија и тимски дух, истакнувајќи дека тие млади спортисти се вистински амбасадори на македонскиот спорт и светла иднина на македонскиот ракомет. Г.И.