Црвите „вооружени“ со ензими можат да разградат пластика за која инаку би биле потребни децении или дури векови за да се разгради. На прв поглед нема ништо особено значајно во врска со восочните црви. Ларвите на восочните молци, оние бледи брановидни ларви, се хранат со восокот што пчелите го користат за да го направат своето саќе. За пчеларите, штетниците се нешто од кое мора брзо да се ослободат, без одложување.
Но во 2017 година молекуларниот биолог Федерика Бертокини, која во тоа време го истражувала ембрионалниот развој на ’рбетниците во Шпанскиот национален истражувачки совет, направила откритие за овие суштества што би можело да го промени светот. Бертокини, аматерска пчеларка, фрлила дел од восочните црви во пластична ќеса откако ја исчистила својата кошница и ги оставила таму. Кратко време потоа таа забележала дека црвите почнале да создаваат мали дупки во пластиката, која почнала да се распаѓа штом ќе ја допрел црвот.
– Тоа беше вистински еурека-момент – беше брилијантно. Тоа беше почетокот на приказната. Почетокот на еден истражувачки проект – вели Бертокини за првичното откривање и сфаќањето што значи тоа.
Црвите правеле нешто што е исклучително тешко за нас како луѓе: тие ја разградувале пластиката. Не само тоа туку се чинело дека црвите ја варат пластиката како да е храна.
































