Министерството за здравство информираше дека се успешно извршени трансплантации на црн дроб и бубрег, откако семејство на починато лице донело хумана одлука за донација на органи.
Црн дроб е трансплантиран кај 67-годишен пациент, додека 51-годишна жена добила нов бубрег. Од Министерството посочуваат дека пациентите се во добра општа состојба и се пуштени на домашно лекување.
– Во најтешкиот момент, едно семејство донесе одлука што значи живот. Со нивната несебичност се спасени човечки животи и се даде нова шанса за поквалитетен живот – се наведува во соопштението.
Министерот за здравство, Азир Алиу, истакна дека станува збор за чин на исклучителна хуманост.
– Нема поголем чин од тоа во момент на болка да подарите живот. Ова семејство покажа што значи вистинска солидарност – нивната одлука ќе живее преку оние на кои им е дадена нова шанса – изјави Алиу.
Националната координаторка за трансплантација, Билјана Кузмановска, исто така изрази благодарност до семејството на донорот, нагласувајќи дека без нивната согласност овие интервенции не би биле можни.
– Зад секоја трансплантација стои човечка приказна, ова е приказна за храброст и дарување живот, највисок чин на солидарност – посочи Кузмановска.
Од Министерството упатија благодарност и до медицинските тимови од повеќе клиники и институции, кои учествувале во изведбата на трансплантациите, за нивната посветеност и професионалност.
































