Фото: Пиксабеј / Илустрација

Велика Британија и Франција ќе предводат мирна мисија за заштита на слободата на пловидба во Ормускиот Теснец, изјави денеска британскиот премиер Кир Стармер.

Стармер рече дека мисијата ќе биде воспоставена штом условите го дозволат тоа, откако ќе завршат непријателствата во војната со Иран.

Стармер и францускиот претседател Емануел Макрон беа домаќини на состанокот на светските лидери во Париз за напорите да се заштити протокот на превозот низ виталната рута за нафта и гас кога ќе завршат борбите.

Додека разговорите се одвиваа во француската престолнина, Иран соопшти дека повторно го отворил теснецот за превоз, потег што го поздрави американскиот претседател Доналд Трамп.

– Можам да потврдам дека заедно со Франција, Обединетото Кралство ќе предводи мултинационална мисија за заштита на слободата на пловидба штом условите го дозволат тоа – изјави Стармер.

– Ова ќе биде строго мирно и дефанзивно, како мисија за смирување на комерцијалниот превоз и поддршка на чистењето на мини. Ги покануваме сите нации кои имаат интерес за слободниот тек на глобалната трговија да ни се придружат. Некои веќе ја изразија својата подготвеност да придонесат – додаде британскиот премиер.

– Ова ќе го придвижиме напред со конференција за воено планирање во Лондон следната недела, каде што ќе објавиме повеќе детали за составот на мисијата, а повеќе од десетина земји веќе понудија да придонесат со средства – информира Стармер.