Изјавите на грчкиот министер за одбрана Дендиас за
проширувањето со земјите од Западен Балкан како повод
Кога во јуни 2003 година на самитот на Европската Унија и Западен Балкан беше усвоена таканаречената „Солунска агенда“, никој не претпоставуваше дека токму на тој собир, наместо отворање на вратите, ќе биде запечатена европската судбина на земјите од регионот.
Освен Бугарија и Романија, кои влегоа со политичка одлука во 2007 година, како и Хрватска, која послужи како доказ дека процесот е наводно жив, ниту една друга земја не стана дел од Унијата безмалку две децении.
Добар дел од вината за овој децениски статус кво лежи токму кај креаторите на Солунската агенда. Имено, Грција со години ја блокираше Македонија, користејќи го спорот за името како инструмент за кочење, со што на другите членки на ЕУ им го „сервираше“ најопасното оружје: ветото како алатка за билатерални уцени. Сега, повторно официјална Атина се повикува на Солунската агенда, обидувајќи се да се наметне како лидер на процесот што самата го минираше.
Министерот за национална одбрана на Грција, Никос Дендиас, во својот неодамнешен говор пред припадниците на грчкиот контингент на КФОР во Косово истакна дека Грција веќе со децении го поддржува она што се нарекува „Солунска агенда“, што значи влез на Западен Балкан во Европската Унија, во европското семејство.
– И ова е дипломатска цел што нашата татковина ја поддржува независно од владите, независно од партиите, независно од министрите. Сметаме дека стабилноста, мирот на Балканот, како апсолутно неопходен предуслов го имаат влезот на државите од Западен Балкан во Европската Унија – рече Дендиас.
Но овие зборови звучат празно кога ќе се соочат со реалноста на теренот. Охрабрувачките пораки се претвораат во цинизам ако се земе предвид дека секоја грчка влада, независно од идеологијата, работеше на опструирање на македонскиот пат, давајќи им пример на другите соседи како се тргува со европските вредности. Токму затоа реформите доцнат, а евроскептицизмот е во пораст – бидејќи никој повеќе не верува во флоскули што не се преточени во дела.
Дел од домашните аналитичари се согласни дека Грција имаше шанса уште во 2003 година да стане лидер на процесот на проширување и на тој начин да се постави како главен играч во регионот, но го направи сосема спротивното.
– Апсурдот на грчката „поддршка“ најдобро се отсликува низ изгубените децении во чекалниците на ЕУ. Да беше Грција вистински застапник за проширувањето, како што декларативно се претставува уште од 2003 година, денес мапата на Европската Унија ќе беше комплетна, а Западен Балкан интегриран и стабилен. Наместо тоа, сведоци сме на опасен преседан – Атина не само што го блокираше својот сосед туку го легитимираше ветото како прифатлив метод за решавање историски и идентитетски прашања во рамките на пристапните преговори. Оваа „грчка школа“ на дипломатија ја отвори Пандорина кутија што денес ја користи Бугарија, а утре можеби некоја друга земја членка. Наместо европеизација на Балканот, добивме „балканизација“ на европскиот процес. Дендиас и неговите колеги мора да разберат дека кредибилитетот не се гради со празни говори пред меѓународни мисии, туку со искрена поддршка без скриени сопнувања – сметаат аналитичарите.
Според нив, недоследноста меѓу солунските ветувања и реалната политика на сопки ја доведе Унијата во позиција на нерелевантност во регионот.
– Кога зборовите и иницијативите не се преточуваат во конкретни дела, тие стануваат само политички шум. Грција имаше шанса да биде вистинскиот мотор на Балканот; наместо тоа, таа стана неговата прва и најдолготрајна кочница. Прашањето не е дали Атина ја поддржува Солунската агенда во теорија, туку зошто две децении правеше сè за таа да остане само мртво слово на хартија. Додека флоскулите се редат, регионот тоне во апатија, свесен дека патот кон Брисел не зависи од реформите туку од каприците на соседите, кои го претворија ветото во своја единствена надворешна политика – заклучуваат аналитичарите.
































