Фото: Маја Јаневска-Илиева

ШАХ – ПОЕДИНЕЧНО ЕП 2026

Два поена за македонските претставници во 9. коло

Два поена од можни четири (по една победа и пораз и две ремија) е вкупниот збир на поени на македонските шахисти во деветтото коло на 26. поединечно Европско првенство (ЕП) во Катовице (Полска). Цел поен четврти пат освои ФМ Андреј Велјаноски (рејтинг 2.255, рангиран 287. пред почетокот на ЕП 2026), на дуелот со Романката, ЖФМ Фрузина Сенте Варга (2.078/390.). Половина поен освоија ФМ Антон Златков (2.299/254.) против ВМ од Израел Авитал Боруховски (2.510/76.) и ИМ Тони Лазов (2.389/183.) против Романецот Емилијан Пискару-Стефан (2.243/297.). Единствено загуби ИМ Емил Ристески (2.416/152.) од грчкиот ВМ Димитриос Мастровасилис (2.526/65.).
На две кола до крајот на ЕП 2026, Златков е на 61. место со шест поени, играчки перформанс од 2.524 поени и нови 57 рејтинг-поени, Ристески е 211-ти со пет поени, Лазов е 223-ти со 4,5 поени, колку што има и Велјаноски на 229-то место, играчки перформанс од 2.363 поени и нови 19 рејтинг-поени. Во водство се ВМ од Азербејџан, Нијат Абасов (2.586/29.), и ВМ од Шпанија, Давид Антон Гујаро (2.656/втор), и двајцата со по 7,5 поени. Г.И.


ДЕНЕСКА И УТРЕ ВО СКОПЈЕ

Велигденски турнир во забрзан шах за ветерани

Здружението шаховски клуб на ветерани „Скопје72“, денеска и утре во просториите на ШК Алкалоид во Скопје ќе го одржи традиционалниот Велигденски турнир во забрзан шах за ветерани. Предвидени се девет кола (швајцарски систем), со темпо на игра од 15 минути, плус 10 секунди по секој одигран потег. Денеска ќе се играат пет кола, а утре преостанатите четири, со почеток во 11 часот. Прогласувањето на победниците и доделувањето на наградите ќе бидат веднаш по последното коло, а турнирот ќе се бодува во Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Организацискиот одбор го сочинуваат Илија Стошевски, Љубомир Хаџи-Манев и Влатко Бужаровски, директор е Александар Сидоровски, а судиската правда ќе ја дели Вахидин Исмаили. Прворангиран на турнирот е ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Александар Кралевски (рејтинг 2.138). Победникот ќе добие уникатен пехар во форма на велигденско јајце. Г.И.