КОШАРКА
- Вкупно 170 милиони луѓе во САД ги гледаа натпреварите на НБА преку телевизиите во текот на регуларната сезона, НБА генерира рекордни 228 милијарди прегледи на социјалните медиуми сезонава, поставен е рекорд во лигата за вкупна посетеност во период од три сезони, надминувајќи 22,18 милиони гледачи во тимските арени третпат досега…, пишува НБА
Регуларната сезона 2025/26 на кошаркарската НБА-лига беше рекордна со зголемена гледаност преку телевизија, дигитални медиуми и социјални медиуми, плус историски нивоа на посетеност на арените на НБА, пишува НБА-лигата.
Вкупно 170 милиони луѓе во САД ги гледаа натпреварите на НБА преку телевизиите во текот на регуларната сезона, најмногу во претходните 24 години и зголемување од 86 отсто во споредба со минатата сезона. Оваа сезона имаше 57 телевизиски преноси, кои во просек имаа најмалку два милиони гледачи, најмногу од регуларната сезона 2011/2012. Деветнаесет телевизиски преноси во просек имаа најмалку три милиони гледачи, најмногу од регуларната сезона 2012/2013. Повеќе од 1,3 милијарда вкупно часа пренос во живо од натпреварите на НБА беа потрошени на линеарни и стриминг-платформи (со исклучок на „НБА лиг пас“) на сите мерени пазари на глобално ниво, што е зголемување од 93 проценти во однос на претходната година, пишува НБА.
Лигата генерира рекордни 228 милијарди прегледи на социјалните медиуми сезонава, што е зголемување од 13 отсто во однос на претходната година (според: „Видеосајтс“). Во својата прва сезона, „Тап ту воч“ ги доведе гледачите до речиси 20 милиони преноси во живо од натпреварите, при што национално пренесуваните натпревари сочинуваа 75 отсто од таа ангажираност. Часовите на гледање по корисник на апликацијата НБА се зголемија за 20 отсто сезонава. Леброн Џејмс сезонава е најгледан играч на социјалните медиуми, со 2,85 милијарди прегледи.
НБА-лигата постави рекорд во лигата за вкупна посетеност во период од три сезони (2023/2024 до 2025/2026), надминувајќи 22,18 милиони гледачи во вкупна посетеност на тимските арени третпат досега.
Петта година по ред, НБА-лигата достигна рекордни приходи во бизнисот за маркетинг-партнерства и продажба на медиуми. Во рекордна година за франшизата, НБА „2K26“ официјално е најпродавана спортска игра во САД и втор најпродаван наслов во сите жанрови. Стефан Кари и Њујорк никс ги обезбедија првите места на листите на најпродавани дресови, односно тимски производи во НБА, за регуларната сезона 2025/2026… Н.М.
Вечерва почнува плејофот
Со натпреварите вечерва, Кливленд – Торонто (19 часот) и Денвер – Минесота (21.30 ч.), почнува годинашниот плејоф во кошаркарската НБА-лига. Другите дуели се в недела (Њујорк – Атланта од полноќ, Лос Анџелес лејкерс – Хјустон од 2.30 ч. и Бостон – Филаделфија од 19 ч.) и в понеделник (Сан Антонио – Портланд од 3 ч.).
Своите ривали ги чекаат Детроит (в понеделник ќе се сретне со Орландо или со Шарлот, кои играа синоќа меѓу себе во т.н. плејин-турнир) и актуелниот НБА-шампион Оклахома (утре со Феникс или со Голден стејт, кои вчера се сретнаа за влез во плејофот). Н.М.
КОШАРКА
Денвер и Индијана ќе го играат 35. НБА-меч во Мексико
Националната кошаркарска асоцијација (НБА) соопшти дека Денвер и Индијана, на 7 ноември годинава ќе играат во натпреварот во Мексико Сити, во рамките на регуларната сезона. Натпреварот ќе биде 35-от на НБА-лигата во Мексико од 1992 година, повеќе отколку во која било друга земја надвор од САД и од Канада, пишува агенцијата „Ројтерс“. Денвер, шампион на НБА-лигата во 2023 година, ќе го игра својот втор натпревар во Мексико, а Индијана, актуелен шампион на Источната конференција, ќе го има своето деби во Мексико Сити. Н.М.































