Во рамки на Стратешкиот дијалог со САД во Вашингтон, министерот за одбрана Владо Мисајловски ја предводеше првата сесија посветена на одбранбените и безбедносните прашања.
Тој истакна дека долгогодишното партнерство меѓу Македонија и САД значително придонесува за зајакнување на одбранбените капацитети и зацврстување на мирот и безбедноста. Пред претставниците на Стејт департментот, Мисајловски оцени дека соработката е на високо ниво, но и дека постои простор за нејзино дополнително продлабочување.
Министерот изрази благодарност за континуираната поддршка од САД, нагласувајќи дека таа има клучна улога во трансформацијата, модернизацијата и развојот на одбранбените способности, како и во усогласувањето со стандардите на НАТО.
Во изминатите три децении, преку програмите за безбедносна соработка на САД, биле реализирани околу 70 аквизициски проекти за потребите на македонската Армија, како и бројни обуки, вежби и едукативни активности. Во моментов, во тек се 16 договори за набавка на опрема за различни одбранбени капацитети.
Мисајловски се осврна и на плановите за зголемување на одбранбениот буџет, нагласувајќи дека целта е до 2035 година да се инвестираат 3,5 проценти од бруто-домашниот производ во одбраната, како и дополнителни 1,5 проценти за безбедносни проекти, во согласност со договореното на самитот во Хаг.
Тој подвлече дека инвестициите ќе бидат насочени кон модернизација, зголемување на интероперативноста и јакнење на подготвеноста и отпорноста на одбранбениот систем.
Во рамки на дијалогот, владината делегација ќе оствари повеќе средби со претставници на Стејт департментот, при што покрај безбедносните прашања ќе се разговара и за економската и енергетската соработка.

































