Фото : Влада

Владата денеска го усвои законот за правична и соодветна застапеност, со кој, според министерот за европски прашања Беким Сали, се воспоставува баланс и се поставуваат темелите за професионална, транспарентна и модерна мултиетничка администрација.

Сали истакна дека законот има за цел да ја подобри застапеноста на граѓаните од подзастапените заедници во државните институции, при што клучни критериуми остануваат квалификациите, стручноста и компетентноста. Припадноста кон заедница, како што појасни, може да се земе предвид само како дополнителен критериум во случаи кога кандидатите имаат еднакви квалификации.

Тој нагласи дека целта е администрацијата да стане вистински сервис за сите граѓани, заснован на знаење, одговорност и интегритет, со што ќе се зајакне довербата во институциите и меѓу заедниците.

По усвојувањето во Владата, законот ќе биде доставен до Собранието, каде што се очекува широка и аргументирана дебата.

Владината портпаролка Венера Азизи истакна дека со овој закон уставниот принцип на правична и соодветна застапеност се издигнува на законско ниво и станува задолжителен за сите институции. Таа посочи дека донесувањето на законот следува по одлуката на Уставниот суд за укинување на т.н. „балансер“, по што било неопходно системско решение.

Азизи нагласи дека законот е изработен во согласност со препораките на Венецијанската комисија, што, како што рече, гарантира правна и институционална усогласеност.

Законот предвидува формирање координативно тело кое ќе го следи и контролира спроведувањето, со цел да се обезбеди негова ефективна примена во пракса.

Дополнително, во рок од шест месеци треба да се усогласи релевантното законодавство и да се донесат подзаконски акти, со што ќе се овозможи целосна имплементација низ институционалниот систем.

Со ова решение, како што истакна Азизи, се воведува појасен и поконтролиран пристап, со цел да се намали просторот за злоупотреби и да се зајакне довербата во институциите.