Фото: ЕПА

Цените на нафтата на светските берзи пораснаа на почетокот на неделава откако американскиот претседател Доналд Трамп упати нови закани за можна воена акција против Иран што ги зголеми стравувањата од нарушување на глобалното снабдување.

Цената на нафтата „Брент“ за испорака во јуни надмина 111 долари за барел, што е за речиси 40 долари повеќе во споредба со периодот пред ескалацијата на конфликтот. Пораст на цената бележи и американската лесна нафта.

Трамп му постави ултиматум на Техеран предупредувајќи на „сериозни последици“ доколку до вторник 20 часот не ги исполни американските барања (2:00 во среда Централноевропско време). Ултиматумот поврзан со повторното отворање на Ормускиот теснец е продолжен по третпат, а реториката од Вашингтон станува се поостра.

Во изјава за медиумите Трамп предупреди дека доколку нема реакција, Иран би можел да се соочи со уништување на клучна инфраструктура, вклучително електроцентрали и мостови.