Фото: ЕПА

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека воената операција против Иран ќе заврши „многу брзо“, нагласувајќи дека САД веќе постигнале „убедливи победи“ на терен.

Во обраќање до нацијата од Белата куќа, тој најави дека во наредните две до три недели ќе следуваат „исклучително силни“ напади, доколку не се постигне договор со иранското раководство.

Трамп предупреди дека САД би можеле да ги таргетираат иранските електрани и нафтени постројки, оценувајќи дека клучните цели на операцијата се „близу до остварување“.

Според него, американските сили во изминатите недели оствариле „брзи и одлучни победи“, при што, како што рече, значително е ослабена иранската воена моќ, вклучително и морнарицата и капацитетите за ракети и дронови.

Тој истакна дека разговорите меѓу САД и Иран се во тек, но нагласи дека, доколку нема договор, ќе следува дополнителна ескалација на нападите.

Во обраќањето, Трамп оддаде почит и на загинатите американски војници, нагласувајќи дека нивната жртва е дел од напорите да се спречи Иран да развие нуклеарно оружје.

Дополнително, тој го обвини Иран за растот на цените на енергенсите и за затворањето на Ормускиот теснец, повикувајќи ги другите држави да преземат активна улога во обезбедувањето на оваа клучна нафтена рута.