Фото: ЕПА

ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2026

  • Ова беше второ учество на Македонија во плејоф за пласман на СП, а трето вкупно за големите турнири. Во четирите финалиња ќе играат селекции од сите барабани пред ждрепката за овој плејоф, а двојките се БиХ – Италија, Шведска – Полска, Косово – Турција и Чешка – Данска

Македонската репрезентација не се пласира во финалето на плејофот во квалификациите за фудбалското Светско првенство (СП) годинава, откако загуби на гости од Данска, во Копенхаген, со 0-4 (0-0), во полуфиналниот меч од патеката Д од доигрувањето во Европа. Од оваа патека во натпреварот за пласман на годинашниот Мундијал ќе играат Чешка, која ја совлада Република Ирска на пенали, и Данска. Ова беше второ учество на Македонија во плејоф за пласман на СП, а трето вкупно за големите турнири.
– Првото полувреме го одигравме дисциплинирано и бев задоволен од тоа како изгледавме. На паузата потенцирав да бидеме внимателни во воведните минути од продолжението, но токму тогаш примивме гол. Тоа нѐ исфрли од ритам и потоа тешко се вративме во игра. Ова е тежок удар за нас. Данска доаѓаше до голови преку крилата, нешто што го анализиравме и се обидувавме да го затвориме. Нивните бекови постојано создаваа бројчена предност и ни правеа големи проблеми во одбраната – изјави селекторот Гоце Седлоски, пренесе Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Следниот натпревар на Македонија е пријателски, во вторник, на гости со Република Ирска.
Во другите три финалиња на плејофот во европските квалификации ќе играат БиХ – Италија (патека А), Шведска – Полска (патека Б) и Косово – Турција (патека Ц). Во финалињата се пласираа три селекции од првиот барабан пред ждрепката за овој плејоф (Италија, Данска, Турција), по две од вториот (Полска, Чешка) и од третиот (БиХ, Косово) и една репрезентација од четвртиот барабан (Шведска). Победникот на патеката А на СП 2026 ќе настапува во групата Б со Канада, Катар и со Швајцарија, најуспешниот на патеката Б во групата Ф со Холандија, Јапонија и со Тунис, победникот на патеката Ц во групата Д со САД, Парагвај и со Австралија, а првопласираниот од патеката Д во групата А со Мексико, Јужна Кореја и со Јужна Африка.
Двојките за двете финалиња на интерконтиненталниот плејоф на Светската фудбалска федерација, пак, се ДР Конго – Јамајка и Ирак – Боливија. Во полуфиналињата Јамајка победи на дуелот со Нова Каледонија со 1-0, а Боливија славеше на средбата со Суринам со 2-1. Сите мечеви од интерконтиненталниот плејоф се играат во Мексико. Н.М.


ДОИГРУВАЊЕ ЗА ПЛАСМАН НА СП 2026

ЕВРОПСКИ ПЛЕЈОФ
Патека А
Италија – С. Ирска 2-0
Велс – БиХ 2-2, 2-4 п.
Финале (вторник, 20.45 ч.):
БиХ – Италија
Патека Б
Украина – Шведска 1-3
Полска – Албанија 2-1
Финале (вторник, 20.45 ч.):
Шведска – Полска
Патека Ц
Турција – Романија 1-0
Словачка – Косово 3-4
Финале (вторник, 20.45 ч.):
Косово – Турција
Патека Д
Данска – Македонија 4-0
Чешка – Р. Ирска 2-2, 4-3 п.
Финале (вторник, 20.45 ч.):
Чешка – Данска
ИНТЕРКОНТИНЕНТАЛЕН ПЛЕЈОФ
Патека 1
Јамајка – Нова Каледонија 1-0
Финале (вторник, 23 ч.):
ДР Конго – Јамајка
Патека 2
Боливија – Суринам 2-1
Финале (среда, 5 ч.): Ирак – Боливија