ОБЕДИНЕТИ ВО ВЕРБАТА И СОЛИДАРНОСТА: МАКЕДОНСКИОТ ДРЖАВЕН ВРВ СО ЧЕСТИТКИ ЗА РАМАЗАН БАЈРАМ
Муслиманските верници во земјава и светот викендот што измина го одбележија големиот верски празник Рамазан бајрам. По повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам, македонскиот државен врв упати искрени желби за мир, здравје и благосостојба до сите граѓани од исламска вероисповед. Во заедничкиот тон на пораките преовладуваат повици за соживот, меѓусебно почитување и грижа за заедницата.
Претседателка Гордана Силјановска-Давкова: Израз на длабока
духовност и емпатија
Претседателката Гордана Силјановска-Давкова, по повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам упати честитка до верниците од исламска вероисповед и до поглаварот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема Шаќир ефенди Фетаху. потенцирајќи ја духовната димензија на празникот:
– Големиот празник е повеќе од традиционална прослава и од придржување до норми и правила. Рамазан бајрам е израз на длабока вера, духовност, милосрдие, хармонија и љубов. Енергијата и топлината на светиот месец не се присутни само во исламските верски објекти и во домовите на нашите сограѓани, тие се чувствуваат во целата заедница. Во време кога целото човештво се соочува со сериозни конфликти и кризи, само со сплотеност и меѓусебно уважување можеме да градиме здраво општество и просперитетна татковина. Со цврста волја, силна верба и заедништво, ќе ги надминеме сите предизвици. Бајрам шериф мубарек олсун! – напиша претседателката во честитката.
Мицкоски: Силата на општеството е во подадената рака
Претседателот на Владата, преку својот фејсбук-профил, порача дека празникот е потсетник на универзалните човечки вредности.
– Во овие свети денови, кога се заокружува месецот на пост и трпение, да се потсетиме на вредностите што нè обединуваат – почитта, солидарноста и хуманоста. Овој празник нè учи дека силата на едно општество се мери преку тоа колку сме подготвени да подадеме рака и да покажеме разбирање. Како народ, отсекогаш сме знаеле да стоиме еден покрај друг. Нека радоста од Бајрам ги исполни вашите домови со топлина и љубов. Со искрени желби за здравје, напредок и благодат! – истакна премиерот Мицкоски.
Африм Гаши, претседател на Собранието: Темели на заедничката иднина
Претседателот на законодавниот дом упати честитки во име на Собранието, нагласувајќи ја важноста на хармонијата.
– Рамазан бајрам нè потсетува на трајните вредности на хуманоста и помагањето. Овој голем празник носи порака за милосрдие и заедништво, вредности клучни за градење праведно и достоинствено општество. Нека бајрамските денови ви донесат спокој во домовите и надеж во срцата. Во духот на празникот, да продолжиме заеднички да го негуваме соживотот како темел на нашата иднина. Честит Рамазан бајрам! – истакна собранискиот спикер.
Иван Стоилковиќ, вицепремиер за односи меѓу заедниците: Заемна почит за инклузивно општество
Министерот за односи меѓу заедниците истакна дека духовниот благодат треба да биде поттик за општ напредок.
– Ви посакувам празничните денови да ги поминете во мир и спокој, опкружени со најблиските. Само преку заемна почит и одговорност можеме да градиме инклузивно и просперитетно општество во кое сите граѓани ќе се чувствуваат еднакво, без оглед на нивната верска или етничка припадност. Нека празникот донесе мир во вашите срца, а духовниот благодат биде поттик за заеднички напредок во текот на целата година. Честит Рамазан бајрам! – наведе вицепремиерот Стоиљковиќ во честитката по повод Рамазан бајрам.
Политичките лидери: Празникот да биде потсетник на вредностите што нè поврзуваат
Честитка по повод празникот Рамазан бајрам до сите верници од исламска вероисповед упати лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој пожела празничните денови да донесат здравје, мир и благосостојба во сите домови.
– Нека овие свети празнични денови донесат здравје, мир и благосостојба во сите домови.
Рамазан бајрам е празник кога се слави хуманоста, кога се зацврстуваат меѓусебната почит и разбирање, кога најсилно се чувствува вредноста на заедништвото. Со почитување на овие вредности, да продолжиме да ја градиме нашата држава како дом за сите – праведен, солидарен и обединет, затоа што различностите се наша сила, а заедништвото наша најголема вредност. Честит и за многу години Рамазан бајрам! – напиша во честитката Филипче.
Претседателката на Либерално-демократската партија Моника Зајкова во честитката по повод празникот порача дека празникот мора да нè потсетува на вредностите што нè поврзуваат.
– Во духот на соживотот, меѓусебната почит и добрососедството, нека овој голем празник биде потсетник дека вредностите што нè поврзуваат се посилни од сè што нè разделува. Празниците се моменти кога срцата се отвораат, кога се подава рака и кога заедништвото станува наша најголема сила. Да продолжиме да градиме општество во кое различностите се богатство, а почитта и разбирањето се темел на нашето заедничко живеење – напиша Зајкова на својот фејсбук-профил.
Честитки по повод верскиот празник упатија и повеќе политички партии, градоначалници, институции… С.Т.































