Договор за заем вреден 40 милиони евра за реализација на втората фаза од инвестициите во образовната инфраструктура и Договор за дополнителен грант од 1,25 милиони евра за зголемување на енергетската ефикасност, се потпишани денеска со Германската развојна банка КфВ.
Како што информира Министерството за финансии, со Договорот за заем се обезбедуваат дополнителни 40 милиони евра за реализација на втората фаза од инвестициите во образовната инфраструктура, со фокус на подобрување на условите за престој и учење на учениците и студентите, како и за зголемување на енергетската ефикасност на јавните објекти. Инвестицискиот циклус опфаќа продолжување на реконструкцијата на државните студентски домови, при што домовите „Кузман Јосифовски Питу“ и „Стив Наумов“ веќе се во активна фаза на обнова, како и темелна реконструкција на преостанатите државни студентски домови. Паралелно, ќе се реализира и обнова на седум државни училишта со ресурсни центри, кои имаат клучна улога во обезбедувањето инклузивно образование за учениците со посебни образовни потреби.
Преку Програмата, пак, за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан, поддржана од Европската Унија, обезбеден е дополнителен грант во висина од 1,25 милиони евра. Овие средства се наменети за подготовка на проектната документација, спроведување енергетски контроли, изработка на детални проекти и спроведување тендерски постапки, што претставува значајна поддршка за навремена и квалитетна реализација на инвестициите.
Договорите беа потпишани од страна на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, министерката за образование и наука Весна Јаневска и Пабло Алварез Обрадор, директор за енергетика за Југоисточна Европа и Турција во Германската развојна банка КфВ.
-Со потпишувањето на договорите, Министерството за финансии ја потврдува својата стратешка определба за обезбедување поволни финансиски средства за реализација на капитални инвестиции со долгорочно влијание, како и зајакнување на партнерството со меѓународните финансиски институции и Европската Унија. Оваа инвестиција ќе придонесе за унапредување на квалитетот на образовниот систем, подобрување на ученичкиот и студентскиот стандард, зголемување на енергетската ефикасност на јавните објекти и намалување на емисиите на јаглерод диоксид, во насока на одржлив и инклузивен економски развој – се наведува во соопштението.































