Фото: Пиксабеј

Национален парк Шар Планина е побогат за уште два балкански риса, со што вкупниот број на оваа ретка животинска врста на територијата на паркот се зголеми од три на пет единки.

Од Паркот информираат дека новите рисови биле регистрирани со помош на камерите поставени за редовен мониторинг, на подрачје што припаѓа на Општина Врапчиште.

Според надлежните, двете нови единки се во добра здравствена состојба, што укажува на постепено стабилизирање и закрепнување на популацијата на балканскиот рис на Шар Планина.

Од Националниот парк нагласуваат дека зголемувањето на бројот на рисови е резултат на континуираните напори за заштита на природата и дивиот свет, при што позитивните ефекти од преземените мерки стануваат сè повидливи.

Тие додаваат дека и во иднина ќе продолжат со активности насочени кон зачувување на биодиверзитетот и унапредување на екосистемите во паркот.