Полицијата расчисти случај на измама во кој 46-годишен маж од Скопје со лажна приказна за сообраќајна несреќа измамил жена од Прилеп за вкупно 2.000 евра и 1.000 долари.
Од Министерство за внатрешни работи информираа дека ОВР Прилеп поднел кривична пријава против М.А. (46) поради основано сомнение дека сторил кривично дело „измама“.
Според полицијата, на 4 ноември 2025 година осомничениот ѝ се јавил на жената и лажно се претставил како инспектор во странство. Тој ѝ соопштил дека нејзините внуци наводно предизвикале сообраќајна несреќа во која починало дете и побарал пари за, како што рекол, да „издејствува“ внукот да не заврши во затвор.
Жената, доведена во заблуда, ги оставила парите на договорено место.
По преземени мерки од страна на полициски службеници од СВР Битола и Одделот за криминалистичка полиција, осомничениот бил лишен од слобода, а по наредба на надлежен судија му е одреден притвор.
































