Интересна соработка меѓу ученици од графичката струка од СОУ „Таки Даскало“ и НУУБ „Св. Климент Охридски“–Битола
Од ноември лани до март годинава учениците од графичката струка од СОУ „Таки Даскало“ и НУУБ „Св. Климент Охридски“ во Битола спроведоа серија активности за реализација на проектот насловен „Книговрзувачка доработка“.
– На почетокот на месецов во графичкиот кабинет на СОУ „Таки Даскало“ се одржа работилница за заштита на книжен фонд од училишната библиотека. Ова беше последната и пообемна од серијата работилници што ги реализираа НУУБ „Св. Климент Охридски“ и графичката струка во рамките на проектот. Во работилниците учествуваа ученици од втора, трета и од четврта година графичка струка, под менторство на Јулијана Христовска-Кулевска, помошник-библиотекарка во НУУБ, и Весна Мундишевска-Велјановска, Снежана Паскова, Валентина Ристеска и Катерина Спасовска-Маурдева, наставнички по графички стручни предмети. Последната работилница беше посветена на зачувување и реставрација на книги од училишната библиотека, во соработка со Мирјана Наумовска, училишна библиотекарка – велат организаторите на проектот.
Книгите главно имаа оштетувања во вид на: искинати и лабави страници, корици со значителни механички оштетувања и изгубени делови, пожолтена и кршлива хартија поради киселинска деградација, присуство на дамки од влага и траги од мувла. Во согласност соо потребите беа преземени реставраторски активности за чистење и отстранување на прашината, зајакнување на кршливите делови со хартија и лепила, пополнување на недостасувачките делови со хартија со слична текстура и боја, реставрација на оригиналната корица каде што беше можно, изработка на нови заштитни елементи, повторно шиење на книжните блокови со конец или жица (кламер), зајакнување на ’рбетот, обрежување и сл.
– Во текот на петте месеци од проектот беа реставрирани стотици книги од библиотечниот фонд на НУУБ „Св. Климент Охридски“ од Битола и СОУ „Таки Даскало“ од Битола, кои може да се користат без ризик од дополнителни оштетувања. Притоа максимално беше зачуван оригиналниот изглед, а беа преземени и превентивни мерки за понатамошна заштита – потенцираат учесниците во оваа активност.
Во тек се истражувачки активности за реставрирањето на книги во двете институции, започнати во изминатите години, како и подготовки за реализација на работилници за изработка на производи од областа книговрзување во рамките на завршната фаза од проектот „Книговрзувачка доработка“. Со вакви активности се зацврстува партнерството помеѓу образовните и културните институции во локалната заедница, а учениците добиваат вредно искуство, кое ќе им биде значајна основа во нивната понатамошна професионална надградба и афирмација во областа на графичката дејност.
Ф.Д.
































