Фото: „Нова Македонија“

Туристите масовно го избегнуваат Блискиот Исток како дестинација поради конфликтот

  • За жал, војната продолжува со сите свои негативни рефлексии кон луѓето, имотите, државите и кон нивните ресурси. Но во сиот тој хаос е забележан еден феномен од областа на туризмот, при што поради кризата, некои услужни бизниси гледаат можност за привлекување туристи бидејќи безбедноста на дестинацијата е една од најзначајните одлуки при патувањата
  • И во Македонија одредени туристички работници, па и професори, излегоа во јавноста со мислење дека „доколку Македонија се промовира и брзо се позиционира како безбедна дестинација, со својот раскош на можни алтернативни форми на туристичка понуда – Охрид, Битола, Скопје, национални паркови, богата гастрономија, археологија и длабока историја, со убава природа, има можност да привлече поголем број туристи, а понатаму и инвестиции“

Случувањата на Блискиот Исток првично удрија врз цените на нафтата и нафтените деривати, но сѐ почести се информациите дека воениот конфликт се одразува и врз туристичкиот сектор. Со оглед на фактот дека дел од земјите во околината на Иран важат за големи туристички центри што сега остануваат изолирани, очекувано е да се случат големи промени во туристичките текови.

Туристички работници размислуваат и за примамливи понуди во Македонија

Местоположбата на Македонија во овој период нѐ прави подостапни и побезбедни за привлекување туристи, но експертите укажуваат дека привлекувањето нови посетители е предизвик.
– Уште една кризна состојба на Блискиот Исток го засега целиот регион и создава економска несигурност, пред сѐ, во цените на енергентите и одредени други производи за економијата што се добиваат од преработката на суровата нафта. Туристичката индустрија е пред уште еден предизвик на нестабилна 2026 година бидејќи влијанието не е ограничено локално, односно се чувствува и во туристичкиот сектор на Европа и Азија. Поради оружениот конфликт се создава перцепција на несигурност со евакуација на туристите во регионот на Блискиот Исток и стопирање на продажбата на аранжмани на голем број светски туроператори за овој дел од светот – објаснува доц. д-р Љупчо Јаневски, универзитетски професор и долгогодишен директор на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот.
Сличен став дели и туризмологот Зоран Николовски, кој истакнува дека туризмот како сектор отсекогаш најмногу трпи најголеми негативни последици од здравствените и воените дејствија.
– По пандемијата на ковид-19 дојде и ваква политичка и воена состојба, која според Меѓународниот совет за патување и туризам, кој единствено работи на економските прашања во туризмот, дава многу лоши предвидувања. Досега туризмот секој ден трпи загуба од речиси 500 милиони долари, но мора да се каже дека тоа се предвидувањата за овој регион што е опфатен со воениот конфликт и за авиосообраќајот – прецизира Николовски.
Јаневски додава дека ако се земе искуството на Израел за конфликтот во Газа, туристичкиот сектор на оваа земја забележа пад од 80 отсто и не се очекува подобрување на бројките за 2026 година.
– Во зависност од развојот на настаните на Блискиот Исток и должината на конфликтот, туристичките посети, според анализите, може да опаднат од 11 до 27 проценти, односно да дојде до загуба на приход од 56 до 60 милијарди долари во туристичката индустрија во овој регион – вели Јаневски.
Тој за „Нова Македонија“ посочува дека во последната декада авионскиот сообраќај сѐ повеќе ги користи аеродромите Дубар, Доха, Абу Даби за авијациски хаб и воениот конфликт директно влијае врз бројот и сигурноста на летовите со затворање на воздушниот простор и илјадници откажани летови и стопирање на операциите на голем број светски авиокомпании во овој регион.
Посочува оти поради нестабилноста со нафтени деривати и подолгите маршрути на летање се прават нови калкулации за цените на билетите, кои значително ќе поскапат, што, напоменува Јаневски, создава голем притисок на туроператорите, кои на светско ниво веќе кон крајот на 2025 година имаа утврдени аранжмани за сезоната 2026 г. и рана продажба со одредени поволности за аранжманите.
– Генерално аранжманите ќе поскапат поради зголемените трошоци за патување и неможноста за планирање на цените поради нестабилната и непредвидливата состојба. Често туристичките текови се пренасочуваат поради веќе познати случувања на Блискиот Исток кон дестинации што се доволно конкурентни и атрактивни во Европа како Медитеранот, Југоисточна Азија и градовите низ Европа за кои сѐ повеќе има интерес како алтернативни дестинации за туристите – појаснува Јаневски.

Туристите ги избегнуваат и регионите во околината на конфликтот

Нашиот соговорник посочува оти многу често туристите избегнуваат и блиски региони што не се дел од конфликтот, поради медиумските ефекти или дозата несигурност што се создава во етерот. Тоа се случува и кај нас со откажување аранжмани во Турција и Кипар, поради блискоста, и покрај фактот што летовите се одвиваат и претставуваат безбедни дестинации.
– Сметам дека досега, туристичката индустрија кај нас, по завршувањето на ковид-кризата, ја испушти можноста за креирање протоколи за кризен менаџмент во македонскиот туристички сектор, кој ќе предвиди вакви или слични состојби, доведувајќи до интегриран пристап и еднаква заштита на туристичките агенции и туристите што патуваат. Кинескиот знак за криза се состои од два симбола, означувајќи истовремено криза и можност бидејќи кризата на Блискиот Исток може да значи голема можност за голем број други безбедни дестинации, кои ќе нудат исти или слични аранжмани на исто ниво како земјите од Блискиот Исток – објаснува Јаневски.
Тој посочува дека иако Македонија географски е далеку од конфликтната зона, влијанието може да се почувствува индиректно преку туристичките пазари, транспортот и економијата. Туристите од Блискиот Исток ќе се намалат поради неможноста за патување генерално во 2026 година поради голем број економски фактори.
– Во изминатите години, Македонија беше посетувана од поголем број организирани групи израелски туристи, кои оваа година ќе бидат во опаѓање од 30 до 40 отсто додека поради строгиот визен режим што го има нашата земја кон голем број земји од Блискиот Исток и во минатите години нивниот број беше незначителен, па нема да доведе до големи падови на туристи од овие земји – објаснува Јаневски.

Неопходно промовирање на Македонија како безбедна дестинација со алтернативна туристичка понуда

Тој наедно укажува дека безбедноста на дестинацијата е еден од најзначајните одлуки при патувањата, па доколку Македонија се промовира и брзо се позиционира како безбедна дестинација со својот раскош на можни алтернативни форми на туристичка понуда – Охрид, Битола, Скопје, национални паркови, богата гастрономија, археологија и длабока историја, со убава природа, има можност да привлече поголем број туристи.
– Генерално се очекува пренасочување на поголем број европски туристи на Балканот како сигурна дестинација, а Македонија треба да биде доволно конкурентна за да привлече поголем број туристи во 2026 година – заклучува Јаневски.

Период за привлекување инвеститори

Туризмологот Николовски, пак, истакнува дека Блискиот Исток и регионот околу него, меѓу кои најмногу Турција и Египет трпат огромни загуби. Тој посочува дека веќе се откажуваат речиси сите предвидени патувања во овој регион, кој особено беше можеби најинтересен за туризам во овој период кога во Европа е зима и има друг вид туризам.
– Посебно најсилен удар ќе претрпи авиосообраќајот. Ако знаеме дека превозот е со најголема цена во калкулацијата во еден туристички аранжман, можеме да замислиме што ќе се случи понатаму со цените на аранжманите – потенцира Николовски.
Тој на прашањето дали Македонија може да има корист од тековните случувања, вели дека може да има, но посочува дека прашањето е дали сме подготвени да ја искористиме можноста.
– Ако знаеме дека имаме лимитирани сместувачки капацитети, кои веќе секоја година се однапред резервирани, а ние имаме и бавна реакција на домашната индустрија за вакви моментални ситуации, мислам дека може да имаме само мал процент на искористеност од оваа ситуација. Ние не сме ни подготвени за брзи акции. И предвидувањата на Советот за патувања се дека ова е само моментална состојба што ќе трае најмногу два месеца и туризмот повторно ќе продолжи понатаму. Најголема корист ќе имаат земјите од Западна Европа. Тие веќе имаат маркетинг баш за оваа ситуација, со онаа познатата, дома си е сепак дома – нагласува Николовски.
Она што како предност го гледа Николовски во оваа ситуација е поуката да се привлечат инвеститори.
– Единствено што може да искористи Македонија од ова ситуација во блиска иднина е да дозволи да се зголемат инвестиции од овој регион. Знаеме дека тие се најбогатите држави што имаат финансии за тоа. Таму повеќе и самите не ќе можат да инвестираат. Тој регион отсега, па натаму ќе биде буре барут. Затоа треба да се работи на афирмација на трансфер на капиталот – напоменува Николовски. Е.Р.