Фото: „Нова Македонија“

Даночната дисциплина и фер конкуренцијата се клучни за создавање здрава и одржлива економија, беше истакнато на средбата на тема „Усогласеноста и фер конкуренцијата одат заедно“, организирана од Управа за јавни приходи преку Советот за даночна усогласеност. На настанот претставници на институциите и бизнис заедницата разговараа за конкретни мерки и партнерски пристап во намалувањето на сивата економија.

Средбата претставуваше платформа за дијалог и размена на искуства, ставови и предлози од различни институционални и деловни перспективи. Борбата против сивата економија е една од стратешките цели на Влада на Северна Македонија и значаен дел од фискалната политика, бидејќи директно придонесува за проширување на фискалниот простор и поттикнување економски раст.

Во таа насока, под координација на Министерство за финансии на Северна Македонија, повеќе државни институции неодамна потпишаа заедничка декларација за партнерство и координирана акција за формализација на економијата, а оваа средба беше еден од чекорите кон нејзина реализација.

Покрај членовите на Советот за даночна усогласеност, на настанот учествуваа претставници од Управа за јавни приходи, Државен пазарен инспекторат, Општина Кавадарци, како и од Центарот за микро, мали и средни претпријатија при Стопанска комора на Северна Македонија и претставници на бизнис заедницата од угостителско-хотелскиот сектор.

Сивата економија беше оценета како комплексен и долгорочен системски предизвик, кој бара континуирани мерки и координиран пристап меѓу институциите. Од Управа за јавни приходи истакнаа дека нивната цел не е зголемување на бројот на казни, туку воспоставување ред преку јасни правила, паметни контроли и еднаков третман за сите даночни обврзници.

Во изминатиот период посебно внимание било посветено на секторите угостителство, малопродажба и одредени услужни дејности, каде што плаќањата најчесто се вршат во готовина и постои поголем ризик од неевидентирање на прометот. Во овие области активности спроведува и Државен пазарен инспекторат, што ја потврдува потребата од заеднички институционален пристап.

Учесниците на средбата нагласија дека сивата економија не претставува само неплатен данок, туку и сериозен фактор што создава нелојална конкуренција и ги оштетува компаниите кои работат законски и транспарентно.

Во дискусијата беше истакната и важноста на современите технологии и дигиталните алатки за подобра размена на информации меѓу институциите, со цел неформалните активности да не останат во зоната на „невидливост“ и „неказнивост“. Воедно беа посочени и одредени административни и финансиски оптоварувања со кои се соочуваат малите бизниси при исполнување на обврските кон државата.

Посебно внимание беше посветено и на краткорочното туристичко изнајмување, вклучително и сместувачките услуги што се нудат преку дигитални платформи. Овој сектор има значајно фискално значење и за централната и за локалната власт, но истовремено носи и ризици поврзани со наплатата на јавните приходи.

Претставниците на локалната самоуправа укажаа на административните и системските предизвици што влијаат врз ефикасноста на наплатата на овие приходи, а претставниците на угостителско-хотелскиот сектор нагласија дека неформалната економија претставува сериозна нелојална конкуренција за бизнисите кои работат чесно и транспарентно.

Средбата ја потврди важноста од партнерски пристап меѓу институциите и бизнис заедницата во справувањето со неформалната економија, со јасна порака дека даночната дисциплина и фер конкуренцијата мора да одат заедно.