Фото: ЕПА

Европа предупреди в понеделник дека нејзиниот тешко постигнат трговски договор со Вашингтон сега би можел да биде во опасност откако претседателот Доналд Трамп претстави сеопфатна тарифа од 15% на сите увози за време на викендот, што го натера Европскиот парламент да го одложи планираното гласање за договорот – пренесе „Си-ен-би-си“, според „Ројтерс“.

Од Европска комисија посочија дека Брисел очекува Вашингтон во целост да ги почитува обврските преземени со договорот за царини постигнат во јули минатата година. Со тој договор, американските царини за увоз на повеќето категории производи од ЕУ се ограничени на максимум 15 проценти.

Портпарол на Европската комисија изјави дека засега нема сигнали дека американската администрација планира да отстапи од договорените правила.

– До овој момент не добивме никакви индикации дека американската влада има намера да се оддалечи од преземените обврски – рече тој, додавајќи дека Европската комисија ќе реагира „цврсто и пропорционално“ доколку дојде до прекршување на договорот.

Во меѓувреме, американската влада најави покренување истраги за наводен прекумерен производствен капацитет во одредени индустриски сектори, што би можело да доведе до воведување нови трговски мерки, вклучително и царини.

Од ЕУ нагласуваат дека ја разбираат загриженоста на Вашингтон во врска со структурниот вишок капацитет на глобално ниво, но истовремено потенцираат дека Европа не е изворот на тој проблем.

– Европската унија ја дели загриженоста на САД во врска со структурниот прекумерен капацитет во глобалната економија, но причините за тој проблем се добро познати и тие не се поврзани со европската економија – изјави портпаролот.

Тој додаде дека ЕУ функционира како отворена пазарна економија со транспарентни политики и правила, поради што Брисел се гледа како партнер во решавањето на глобалните економски нарушувања, а не како нивен предизвикувач.

Во овој контекст, Европска унија повеќепати ја критикуваше политиката на Кина, посочувајќи дека прекумерниот производствен капацитет во одредени индустрии го нарушува пазарот, особено во секторите на чисти технологии и возила со батерии.