Министерот за здравство Азир Алиу и претседателката на Лекарската комора, Калина Гривчева Старделова, денеска се обратија на прес-конференција по повод одбележувањето на Европскиот ден за подигнување на свесноста против насилството врз здравствените работници.
Министерот Алиу истакна дека за функционирањето на здравствениот систем е од суштинско значење здравствените работници да се чувствуваат безбедно на своето работно место.
– За здравствениот систем клучно е вработените да се чувствуваат безбедно на своето работно место за да можат да обезбедат соодветна здравствена заштита и нега за пациентите – нагласи Алиу.
Тој посочи дека истражувањата спроведени од Лекарската комора покажуваат дека дел од докторите пријавиле дека биле изложени на различни форми на насилство на работното место, при што најчесто се работи за вербално насилство.
Алиу потсети дека со измените на Кривичниот законик, насилството врз здравствен работник при вршење на професионални задачи се третира како насилство врз службено лице.
– Насилството врз здравствен работник се смета за кривично дело за кое е предвидена казна затвор – потенцираше министерот.
Тој нагласи дека е важно ваквите случаи веднаш да се пријавуваат, со цел надлежните институции соодветно да постапат.
Министерот истакна и дека Лекарската комора има значајна улога во следењето на постапувањето на институциите и во предлагањето мерки и политики за спречување на насилството во здравствениот сектор.
– Секое насилство врз здравствен работник треба веднаш да се пријави, бидејќи станува збор за кривично дело – порача Алиу.

































