Фото: приватна архива

Средба со Maрко Томоски, 12-годишен мултиталент од Охрид

Дванаесетгодишниот Марко Томоски е седмоодделенец во ООУ „Григор Прличев“ во Охрид. Тој неодамна се закити со бронзен медал на престижниот меѓународен натпревар по математика „Интернешнл јут мет челинџ“ (International Youth Math Challenge – IYMC). Во финалната рунда, која се одржа на 17 февруари, иако има 12 години, Марко се натпреваруваше во категоријата до 16 години и во силна конкуренција од 9.800 учесници од целиот свет.
– Особено сум горд што се натпреварував во категоријата до 16 години, иако имам само 12 години. Со овој успех го освоив и второто национално место за Македонија. Минатата година бев државен првак по математика за шесто одделение, а оваа година добив покана за учество на меѓународната Математичка олимпијада во Ашхабат, Туркменистан, од 8 до 13 април – со гордост ни раскажа Марко.
Љубопитноста за бројките кај нашиот соговорник се јавила уште од мала возраст.
– Мојата мајка е професорка по математика и додека ја гледав како работи, во мене се роди љубов кон бројките и логиката. Најмногу ме интересираат логичките и натпреварувачките задачи – вели Марко.
Но овој детски немирен дух не се задоволува само со точните резултати во математичките задачи туку има уште многу други интереси, од јазици, преку литература до спорт.

– Покрај математиката, имам успеси и на натпреварите по германски јазик. Минатата година освоив втора награда на државниот натпревар по германски јазик, а оваа година повторно се пласирав на државниот натпревар по германски јазик, кој ќе се одржи на 14 март – вели ова љубопитно, вредно и талентирано момче.
Во меѓувреме Томоски се пласирал и на регионалниот натпревар по физика и се надева дека ќе продолжи и на државниот натпревар. Покрај овие успеси, тој има голема љубов кон литературата, веројатно генетски наследена од неговиот дедо, поетот Мирко Томоски. Нашиот Марко и на ова поле успеал да оствари забележителни резултати.

– Освоив прва награда на конкурсот „Писателски предизвик 2025“, под мотото „Песна и есеј – гласот против насилството“, организиран од Педагошкиот факултет – Битола. Покрај тоа, пишувам проза и поезија, имам објавено повеќе песни во книги за деца и редовно учествувам на литературни конкурси – раскажува Марко.
Звучи речиси неверојатно, но покрај сите овие активности и натпревари зад кои стои време поминато во вежбање, учење, решавање и пишување, Марко сепак има слободно време, кое се труди да го искористи на добар начин.
– Во слободното време сакам да се дружам со другарите, да пешачам и да поминувам време со моето милениче – маче, кое многу го сакам – вели Марко.
Покрај менталната активност, Марко Томоски не го занемарува ниту спортот.
– Многу сакам да играм фудбал. Фудбалот ми помага да се опуштам, да бидам тимски играч и да одржувам добра физичка кондиција. Сметам дека спортот е важен за секое дете, бидејќи нè учи на дисциплина, упорност и на ферплеј – вели тој.
Марко треба да помине уште две учебни години во основното образование, а потоа да направи избор каде ќе продолжи, но сепак засега се двоуми меѓу две професии.
– Засега имам две идеи – би сакал да станам доктор, како дедо ми и вујко ми, или да продолжам по патот на математиката како мајка ми. Но сепак, сè уште сум мал и имам време да одлучам. Најважно ми е да продолжам да учам и да напредувам – вели ова паметно и талентирано дете.
„Колибри“ му посакува на Марко многу натамошни успеси за кои со радост повторно ќе пишува.

Ф.Д.