Фото: Министерство за правда

Во Министерството за правда денеска се одржа конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, со која претседава министерот за правда Игор Филков.

Како што информираат од Министерството, на првата седница се разговарало за Деловникот за работа и начинот на функционирање на работната група.

Следната седница е закажана за 23 март, а на членовите ќе им биде доставен работниот текст со предложените измени на Изборниот законик, подготвен од Министерството за правда во јуни 2025 година. Во документот се вградени и препораките на ОБСЕ/ОДИХР.

Министерот Филков истакнал дека целта на процесот е создавање стабилен, кредибилен и инклузивен изборен систем, усогласен со европските стандарди и добрите меѓународни практики.

– Овој процес бара политичка зрелост, дијалог и консензус. Очекувам конструктивна дебата и активно учество од сите членови, бидејќи реформите во изборното законодавство се од суштинско значење за демократскиот развој на државата и зајакнување на довербата на граѓаните во изборниот процес – изјави Филков, пренесе МИА.

Од Министерството за правда посочуваат дека остануваат посветени на транспарентен и ефикасен процес, со јасна динамика и конкретни резултати во периодот што следува.