Фото: ЕПА

Иранската револуционерна гарда, идеолошката армија на Исламската Република Иран, му се заколна на верност на Моџтаба Хамнеи, синот на убиениот ајатолах Али Хамнеи, кој е именуван за нов ирански врховен лидер.

Исламската револуционерна гарда „го поддржува изборот на Советот на експерти и е подготвена целосно да се покори и да се жртвува за да ги исполни божествените заповеди“ на Моџтаба Хамнеи, се наведува во соопштението.

Моџтаба Хамнеи, син на убиениот ајатолах Али Хамнеи, е именуван за наследник на својот татко како врховен лидер на Иран – објавија синоќа иранските државни медиуми.

Како што објавија агенциите, 56-годишниот Моџтаба Хамнеи беше назначен за врховен лидер од страна на Советот на експерти, откако со години создаваше блиски врски со елитната Револуционерна гарда и градеше влијание во свештеничкиот естаблишмент.

Тој преживеа воздушен напад на САД и Израел против Иран и е назначен од иранскиот естаблишмент како потенцијален наследник на својот татко, кој беше убиен во воздушен напад минатата сабота, – пренесе МИА

Како моќен свештеник од среден ранг, Моџтаба Хамнеи се спротивставува на реформаторите кои сакаат да соработуваат со Западот во обидот да ја ограничат нуклеарната програма на Иран и кои бараат поголема слобода.

Неговите блиски врски со Револуционерната гарда (ИРГЦ) му дадоа дополнителна предност во иранскиот политички и безбедносен апарат, а тој изгради влијание зад кулисите како „влез“ до својот татко – велат извори запознаени со ова прашање.