Фото: „Нова Македонија“
  • Од игра со рака до офсајд и ВАР, на гледачите им стана тешко да следат што се случува, пишува „Би-би-си“

Бил Шенкли еднаш рекол дека фудбалот е едноставна игра, комплицирана од луѓе што треба да знаат подобро, пишува „Би-би-си“. Шенкли, на чело на Ливерпул од 1959 до 1974 година, раководел во поедноставна ера, време без вести што постојано се ажурираат, социјални медиуми и, секако, без системот видеопомошник-судија (ВАР). Од игра со рака до офсајд и ВАР, на гледачите им стана тешко да следат што се случува. Дали фудбалот навистина стана покомплицирана игра и, ако е така, зошто, пишува „Би-би-си“.

Играње со рака

Се чини дека нема поголема конфузија од правилото за играње со рака, кое се промени толку многу пати во претходните години што е речиси невозможно да се следи.
– Едноставно не го сакам правилото за играње со рака. Го погрешија. Ќе кажат дека работите се подобри во Премиер-лигата отколку во странство, но тоа не проаѓа кај мене. Толку е погрешно во секој поглед, има термини „намерно“, „близина“, „природно“, „неприродно“, има толку многу различни начини на кои ги толкуваат работите и тоа не е соодветно за целта – изјави Алан Ширер за „Би-би-си“.
Ширер дури и не го спомена контрадикторното правило за случајно играње со рака во напад, кое автоматски поништува гол, кое создаде прекршок за напаѓачот со кој дефанзивецот би се извлекол без прекршок, пишува „Би-би-си“. Примената на правилото можеби не изгледа подобро во Премиер-лигата, но, во однос на досудените пенали, очигледно е, со помалку досудени пенали во просек отколку во која било друга голема европска лига. Но, тоа не значи дека е добро, пишува „Би-би-си“. Постои заблуда дека правилото за играње со рака е променето за ВАР, но се случи обратно. Меѓународниот фудбалски борд (ИФАБ) почна да работи на редефинирање на играњето со рака во 2014 година, две години пред да почнат пробите на ВАР. Тие промени создадоа мени од оправдувања за играњето со рака. Кога ВАР влезе во игра беше премногу лесно да се досудат пенали. Потребно беше само да се најде една клаузула и имаше огромен пораст на пенали низ лигите. ВАР се покажа како некомпатибилен со новото правило. Во претходните сезони многу беше променето, многупати за да се обиде да се најде решение. Гледачите би сакале да се вратат во деновите кога играњето со рака навистина беше основна процена, но духот е надвор од шишето, секоја промена би морала да се дефинира и со таа нова дефиниција со која треба да се справиме, веројатно нема да се биде во подобра положба, пишува „Би-би-си“.

Субјективен офсајд

Имаше неколку контроверзни субјективни одлуки за офсајд сезонава, кога играч не ја допира топката, но влијае на противникот. Имаше поплаки дека тие што ги одредуваат правилата премногу се потрудиле, дека офсајдот сега е премногу комплициран, пишува „Би-би-си“. Сепак, ова отсекогаш било во правилата. Изданието од 1903/1904 наведува дека играчот не може „на никаков начин да влијае на противникот или на играта“. Во спротивно, напаѓачите би имале одврзани раце да стојат блиску до противниците или да прават движења, со надеж дека ќе влијаат на постигнување гол. Со оглед на тоа што се чини дека „темните вештини“ се во пораст, менувањето на ова би имало несакани последици, пишува „Би-би-си“. Може да биде досадно и секогаш ќе има гранични ситуации, но ова нема да се промени.

Предност…

ИФАБ се ангажира со размислувањата за ситуациите кога има попречување очигледна можност за постигнување гол кога е досуден и пенал. Ако дефанзивецот се обиде да игра со топката или стартува врз противникот, тоа е жолт картон. Но сега мора да биде навистина циничен фаул, туркање или влечење, за да има црвен картон. Ако одбранбен играч направи старт и топката е некаде во близина, тоа е само опомена. Она што беше црвен картон пред неколку години, денес не би било. Или правилото за предност. Габриел Мартинели беше фаулиран од Педро Нето неодамна. Напаѓачот на Арсенал стана и продолжи со нападот, но судијата Дарен Ингланд го запре натпреварот и му покажа на Нето втор жолт картон. Разбирливо, многу навивачи на Арсенал беа вознемирени што судијата не досуди предност. Но, правилото вели дека предност не може да има кога треба да се покаже црвен картон, освен ако напаѓачкиот тим може веднаш да постигне гол.

ВАР

ВАР ја забави играта и доведе до микроскопски офсајди што повеќето гледачи не ги сакаат. Ја претвори играта во испит. Гледачите порано можеа да седат и да гледаат меч, да не се согласуваат со одлука и да продолжат со своите животи. Денес постои детално објаснување за секоја дреболија, од потенцијален црвен картон, преку положбата на раката на играчот, до сложените размислувања за насилно однесување. ВАР го промени фудбалот од едноставна игра во технички извештај. Но ќе стане многу покомплицирано. По состанокот на ИФАБ неодамна беа воведени низа измени во правилата во пресрет на Светското првенство и сезоната 2026/2027. Тоа ќе го направи мечот уште покомплициран за секој што не следел. Ќе има ВАР-проверки на корнерите и ќе се прегледуваат вторите жолти картони откако ќе бидат доделени. Но не и голаутите и потенцијалните втори жолти картони. Ќе има одбројување од пет секунди за аутите и за голаутите. Но не и за корнерите. Заменетите играчи ќе имаат 10 секунди да го напуштат теренот. Фудбалерите што ќе добијат медицински третман ќе мора да отсуствуваат од игра една минута. И ситуациите со попречување очигледна можност за постигнување гол ќе станат покомплицирани. А потоа следува и тестирањето на идејата за офсајд на Арсен Венгер.
Играта нема да стане поедноставна, пишува „Би-би-си“. Н.М.