ФОРМУЛА 1 – ПО ПОБЕДАТА НА ТРКАТА ЗА ГН НА АВСТРАЛИЈА
- Расел победи пред Антонели, Леклер, Хамилтон, Норис, Ферстапен…
Британецот Џорџ Расел од Мерцедес победи на возбудливото отворање на сезоната во Формула 1, на трката за големата награда на Австралија, а неговиот тимски колега, Италијанецот Кими Антонели го следеше. Тоа беше 61-та т.н. еден-два победа за Мерцедес и прва по трката во Лас Вегас во 2024 година. Трката во Мелбурн ја завршија 17 возачи од 22 што се појавија, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
– Знаевме дека ќе биде предизвикувачки. Излегов на стартната линија, го видов нивото на батеријата. Немав ништо во резерва, имав лош старт и искрено имав неколку тесни битки со Шарл Леклер. Бев среќен што ја поминав целта, но искрено, благодарам многу на целиот тим оти помина долго време да го имаме овој автомобил – рече Расел.
Расел, кој ја имаше пол-позицијата, слабо стартуваше, како и Антонели, кој падна на седмото место, дозволувајќи му на Леклер од Ферари, користејќи го најдоброто од својот помал турбомотор, да го преземе водството во првата кривина. Потоа возачот од Монако се бореше за првото место со Расел, пак претркувајќи го, до распоредувањето на виртуелното безбедносно возило во 12. круг и ги натера двата болида на Мерцедес да направат застанување во боксот, потег што се покажа како одлучувачки, пишува АП.
– Да, трката беше неверојатна. Во првите неколку круга престигнувањето е толку моќно што може да пружите многу акција. А сега, малку одмор и се радувам на трката во Кина – изјави Антонели, пренесе АП.
Леклер (28) беше трет, освојувајќи го својот прв подиум за Ферари од трката во Мексико лани. Клупскиот колега Луис Хамилтон, беше четврти, откако засили во последните кругови. Ландо Норис, единствениот од Мекларен во трката по откажувањето на Пјастри, ја затвори првата петорка. Актуелниот светски првак не само што се врати меѓу првите 10 по бавниот старт, туку во последните кругови се бореше со Макс Ферстапен од Ред Бул, кој, пак, скокна од стартното 20-то на шестото место по 58 круга. Г.И.
































