Кампања на „Нова Македонија“:
Овој 8 Март не смее да биде само ден на цвеќе и честитки – туку ден на совест. По трагедиите што ја потресоа Македонија, молкот и инертноста повеќе не се опција. Нашиот медиум започнува јавна кампања против семејното насилство, со повик до граѓаните да препознаат и да пријават насилство, со барање институциите да реагираат инстантно и навремено, со повик до целото општество да застане во одбрана на правото на живот и достоинство. Оваа платформа на „Нова Македонија“ ќе биде простор за гласот на граѓаните, на општата и експертската јавност, на правниците, социјалните работници, активистите итн., за заедничка мобилизација против културата на молк и неказнивост. Ниту една жртва не смее да остане сама, ниту една трагедија не смее да се повтори. Нулта толеранција кон насилството и севкупна национална, граѓанска и институционална мобилизација во полн капацитет против антисоцијалните појави и рецидиви во нашата држава. Нашиот медиум нека биде платформа за мобилизирање на творечкиот потенцијал на граѓаните и институциите од сите домени… од правен, социјален, безбедносен, морален, етички… аспект и „Нова Македонија“, како општествено одговорен медиум, да биде сврзно ткиво на нацијата, спротивставувајќи се на овој девастирачки феномен.
Редакција „Нова Македонија“
































