Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека турската заедница ја има неговата целосна поддршка и ги охрабри нејзините припадници да се пријавуваат на конкурси за работа во јавната администрација, нагласувајќи дека со новиот Закон за правична застапеност како прв критериум ќе се вреднуваат стручноста и компетентноста. Тој ова го истакна одговарајќи на пратеничко прашање од пратеникот Сали Мурати, поврзано со застапеноста на етничките заедници во јавниот сектор, – пренесе МИА.
Обраќајќи се пред пратениците во Собранието, Мицкоски потврди дека Законот за правична застапеност ги поминал сите процедури и филтри на Венецијанска комисија, по што се очекува во најскоро време да се најде на дневен ред на пленарна седница и да биде донесен.
-Законот ги мина филтрите на Венецијанската Комисија и забелешките се вклучени во рамки на законот. Се надевам и очекувам пратениците да дадат поддршка за овој закон кој што според наше длабоко убедување е во согласност со сите меѓународни стандарди и очекуваме да нема проблеми со уставноста како што тоа се случуваше со некои минати законски решенија. Со овој закон прв критериум ќе биде стручноста и компетентноста. Ги охрабрувам граѓаните што се дел од турската заедница во нашата земја да аплицираат во рамки на јавната администрација. Ние како Влада сме покажале дека немаме никаков проблем, напротив образованието на мајчин турски јазик го поттикнуваме и поддржуваме, турската заедница во Македонија е дел од идентитетот на нашата заедничка македонска нација, турската заедница во Македонија е ценета заедница со чесни граѓани кои ја почитуваат својата татковина Македонија, но исто така имаат нераскинливи врски со Турција и јас немам никаква дилема, напротив ја имаат мојата поддршка и ќе бидат дел од моите приоритети и мојата оптика – нагласи Мицкоски, додавајќи дека како претседател на Владата настојува да биде премиер на сите граѓани, вклучително и на припадниците на турската заедница.
Премиерот посочи дека со новото законско решение ќе се надминат слабостите и појавите на девијантно однесување кои во минатото биле присутни во јавната администрација.
-За мене претставува предизвик што повеќе луѓе да аплицираат на јавните повици, но се помалку имаме мотивирани луѓе кои што би се пријавиле на тие конкурси. Во минатото сме биле сведоци на девијантно однесување, луѓе кои што фигурирале на платни списоци а не оделе на работа, луѓе кои фигурирале на платни списоци, а долго време биле отселени од државата или пак имало и такви случаи на луѓе кои за жал биле починати, а сепак добивале плата од државата. Сигурен сум дека тоа е минато време и дека сите заедно ќе работиме за интересот на нашата заедничка татковина Македонија – истакна Мицкоски.






























